прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
сабота, 28 октомври 2006    
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Форум

МАКЕДОНСКИ ОЧЕВИДЕЦ ВО ЗЕМЈАТА НА ТАЛИБАНЦИТЕ

Десет погрешни претпоставки за Авганистан

Демонизацијата на Авганистан врши неправда врз еден комплексен народ и создава погрешна перцепција која оневозможува надворешните актери да донесуваат правилни одлуки при влијаењето на судбината на оваа земја

Познато е дека интернационалните медиумски куќи не се интернационални, туку национални и подложни на политиката на својата земја. Така, „вистината е првата жртва на војната“, изјавил еден генерал. Во текот на 2004 и 2005 година минав дванаесет месеци во Авганистан, делумно во Кабул, делумно во југоисточниот регион, во „црвената“ талибанска зона, живеејќи и соработувајќи со Авганистанци. Искуствата од секојдневната директна комуникација со нив беа фасцинантно различни од се' она што медиумите го прикажуваат. Академските истражувања ја потполнија таа различна слика. 
Механизмот на неуспехот

Тезата дека американско-британскиот напад на Авганистан во 2001 ја ослободи земјата од талибанците е погрешна на два начина. Прво, американските сили го изведоа единствено воздушниот напад, а ги опремуваа и финансираа локалните сили. Копнениот напад беше изведен од авганистанската Северна алијанса, на чии водачи им беше ветена власт во земјата. По падот на талибанците, американската мисија ги остави војсководците да прават што сакаат. Овие, со знаење на присутните агенти на ЦИА, извршија масивни колежи на заробените талибанци, а во борбите цивилното население не беше штедено (за ова беше направен документарец „Масакрот кај Мазар“ претставен пред Европскиот парламент). Второ, САД се ограничија на својата воена мисија да го уловат Бин Ладен, ги отфрлија предлозите на ООН за влез на миротворци да воспостават безбедност во земјата, одбија да инвестираат во повоена реконструкција, го исфорсираа својот кандидат Карзаи за привремен претседател и продолжија да ги финансираат војсководците како свои воени сојузници против талибанците. Војсководците го искористија ова за да стекнат контрола над своите етнички територии, на врвни политички позиции, на демократските избори и над новата армија и полиција.

Северната алијанса беше ослободително движење. Зависи за кого. Алијансата беше создадена од поранешни меѓусебни непријатели што привремено ги здружи поразот под талибанците. Немаа заеднички цели или политичка платформа. Претставуваат главно непаштунски етнични заедници, кои страдале под главно паштунските талибанци. Истите војсководци вршеле масивни убиства, грабежи и силувања врз туѓите етнички заедници. Овие луѓе денес доминираат во парламентот, во кабинетот на претседателот, војската и во полицијата на земјата. Нивното присуство во државните органи гарантира релативна стабилност на своите етнички територии и истовремено гарантира нестабилност: без војна нема да дозволат друг да ја преземе власта.

Проблематично е дали Авганистан може да биде успешна воена мисија. Не е, и не само поради фактот дека Бин Ладен е жив и на слобода по петгодишен лов на неговата глава. Интензификацијата и раширувањето на конфликтите по целата земја во 2006 година говори за влошување на безбедноста. Механизмот на неуспех е едноставен: авганистанските војсководци традиционално се вклучуваат во повеќе сојузи со сите релевантни страни во конфликтот. Така, најчесто еден ист војсководец може да прокламира лојалност кон владата на Карзаи, да прима американска воена и финансиска помош, да прима тајна помош од соседните земји на етничка и/или религиска основа и истовремено да е во таен сојуз со талибанците. Во 2005 и 2006 година, талибанците постепено ги откупуваат истите војсководци што претходно им биле непријатели, а се' уште се платени воени сојузници на САД.

Дали авганистанските војсководците се „зли луѓе“? Тие, сепак, градат релативен мир на своите територии, обезбедуваат отворени трговски патишта и инфлуксус на хуманитарна помош; го обезбедуваат извозот на опиум од кој живее голем дел на населението од сите слоеви. Нивниот воен успех и улогата на етнички водачи им дава чест и легитимитет на етнички заштитници и застапници во очите на оние што не се жртви на нивното насилство.

Уште попроблематично е дека присуството на воените сили на САД и на НАТО ја помага стабилноста на земјата. Бројот на цивилните жртви непријавени во медиумите, арогантниот однос на странските војници (американски, британски и холандски војници се посочени во локални извештаи), нивното неморално однесување и негрижата за локалното население, изградија темелно лоша перцепција. Секој странски војник локално веќе се смета за потенцијален злосторник во служба на Америка.

Талибанците се Ѓаволи!?

Талибанците не се виновни за се', како што се посочува. Голем дел од конфликтите се локални борби за превласт. Обично тие што тајно ги предизвикуваат конфликтите јавно се нудат како способни да ги спречат. На пример, претендент за гувернер предизвикува прокси-инциденти се' додека не биде назначен за гувернер; со тоа инцидентите престануваат. Талибан има специфичен потпис: одлична организација и координација, современа опрема (сателитски телефони, мотори соодветни за беспатен терен), странски експерти, финансии и „увезени“ самоубијци-бомбаши. Талибанците не се борат само воено, туку и финансиски. Исто како што американските пратеници ја купуваат лојалноста на локалните војсководци, така и талибанците ја прекупува. Купување наместо победа, е традиција во Авганистан: на пример, Кабул никогаш не бил освоен од страна на талибанците, туку војсководецот што го држел главниот град бил откупен со огромна свота која Бин Ладен му ја понудил во име на талибанците.

Дали талибанците се ѓаволи? Не повеќе од многу други движења. Историски се конструирани во глобалниот систем на моќ на оружје и финансии, т.е. политика. Почнале како невооружена религиозна фракција, раширена на паштунската територија (северозападен Пакистан и југоисточен Авганистан). Окупацијата на СССР и насилствата врз населенито поттикнало етнички вооружен отпор кон Советите. Во тоа време, според британскиот документарец „Моќта на ноќните мори“, САД не спонзорирале етнички воени фракции, туку само исламистички. Затоа, многу движења, вклучително со талибанското, ја смениле својата платформа во исламистичка. Тогаш, талибанците го прифатиле Мула Омар, Паштун, за свој врвен водач. Мула Омар и талибанците, во потрага по финансии, го регрутирале Бин Ладен, кого претходно две години го игнорирале, иако бил во Авганистан. Една милијарда финансиска помош и современо оружје им се доставени на талибанците од САД. Соседните земји истовремено го вооружуваат населението во земјата. Масивна милитаризација на цивилите се врши во текот на целата Студена војна, во која различни етнички групи се привилегирани од различни надворешни сили и се поттикнуваат на меѓусебна марионетска војна. Талибанците делумно го извојуваа, а делумно го откупуваа воениот успех. Нивното владеење е екстремно исламистичко, но е прв период на мир за земјата по 23 години истребувачка граѓанска војна. Дел од злоделата извршени во овој период не се по наредба на талибанците, туку на откупените војсководци, кои ја задржале моќта. Сепак, екстремниот однос кон жената и кон неисламското културно наследство ги делигитимира за Западот.

Исламот не е насилен, исто како и христијанството што не е насилно и покрај Крстоносните војни, кои денес би биле прогласени за геноцидни и криминални. Исламот, како и секоја друга колективна идеја, може да се (зло)употреби да предизвика или да влече на себе насилство. Талибанската екстремна верзија потекнува од школата Деобанди, една од шесте различни школи на исламот. Огромен број муслимани во милитаризираните подрачја сакаат мир и се толерантни кон другите религии. Дури и муџахедините, „светите војници на верата“ се често луѓе што неволјата ги натерала на оружје, а религијата им понудила смисла и одговор против геноцидот врз нивната етничка заедница, диригираната сиромаштија, безредие, неправда и неморал што завладуваат под туѓа власт. Многумина го оставаат оружјето кога причината за борба исчезнува. Многумина и го задржуваат бидејќи немаат други стабилни извори на приход.

Без самосожалување

Ниедна државна власт во оваа земја, па и денешната, никогаш не владеела надвор од урбаните центри. Секој обид за проширување на власта бил попречен со побуна на племенските заедници во одбрана на традиционалниот начин на живеење. Со векови, руралното население се владее според обичајни закони што регулираат еден високоразработен систем на правда, локална самоуправа, локална полиција и социјални служби. Истиот обичаен систем со мали варијации е унифициран на целата територија на Авганистан. Вклучува протодемократски елементи, како избирање претставници, одлучување со договор и гласање, традиционални локални и национални совети (шура) и мирољубиво разрешување на конфликти (џирга). Традиционалниот облик на организација на општеството е паралелен, но не и истоветен со шеријатот.

Дали Авганистанците се диви луѓе? Не се. Ако цивилизираноста се мери со згради и технологија, земјата е навистина надвор од цивилизацијата. Ако се мери со рафинираноста на меѓучовечките односи, со уметноста, духовноста, културата и вредностите, тогаш многу може да се научи од Авганистанците: способност за преживување во извонредно тешки услови, со достоинство, без трага самосожалување, при загуба на близок род, со делови од тело разнесени од мина, со љубезност, гостопримливост и широкоградост среде сиромаштија. Кодот на честа и оружјето ги има направено извонредни борци. Историјата на етнички војни има отворено широка спирала на освета. Демонизацијата на Авганистан врши неправда врз еден комплексен народ и создава погрешна перцепција која оневозможува надворешните актери да донесуваат правилни одлуки при влијаењето на судбината на оваа земја.


Ана Пејчинова  (Авторката е поранешен изборен офицер на Мисијата на ООН  во Авганистан)


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт