Датум:
08.07.2012, 17:10 KОШАРKАрите ПРОKОЦKАа ГОЛЕМА ШАНСА ДА ДЕБИТИРАат НА ЛОИ
Никој не побара совет од „диригентот“

Немав увид што се случува во репрезентацијата и затоа не можам да коментирам, криво ми е што некој се обиде и успеа да ја раздвои „фамилијата“, вели Докузовски, поранешниот селектор, кој ја доведе селекцијата до 4. место на ЕП и до настапот на квалификациите
Македонската кошаркарска репрезентација нема да игра на Олимписките игри во Лондон. Причина за тоа е поразот од Доминиканската Република (76-86) во четврт-финалето на предолимпискиот квалификациски турнир во Венецуела. Kои беа причините за поразот во меч на кој македонската репрезентација имаше предност од дури 20 поени, треба да каже експедицијата, која денеска треба да се врати во татковината. Анализите за пропуштената шанса да игра премиерно со екипа на ЛОИ допрва ќе бидат. Kако и да е, големата шанса за пласман на Игрите е испуштена. Сега постојат реални стравувања дека може уште долго да чекаме ваква можност. Полека, но сигурно ќе почне смена на генерациите, постарите ќе им го препуштат местото на младите, а смената на генерациите често носи и послаби резултати. Македонија има доволно добри играчи за успешно претставување на Евробаскетот во Словенија, в година, во септември. Таму ќе имаме и поддршка од трибините, нешто што недостигаше во Венецуела, особено кога тимот имаше катастрофални падови во играта.
Поранешниот македонски селектор Марин Докузовски, под чие водство тимот стигна до четвртото место на ЕП и се здоби со право да игра квалификации за ОИ, жали што нема да играме во Лондон.
- За жал, бев во странство, не гледав два од трите меча на македонскиот тим, па не можам поконкретно да зборувам зошто сме загубиле од Доминиканците и да давам оцена. Пред мечот изјавив дека не треба да се бркаме со нив бидејќи не можеме да ги наттрчаме, побрзи се. Генерално гледано, ова не е голем неуспех, но тешко дека другпат ќе ни се укаже ваква шанса. Особено по поразот на Грција од Нигерија, шансите да ја оствариме целта ни беа големи. Многу ми е криво за играчите, заслужија да играат на Олимписки игри – вели Докузовски.
При официјалната разделба со челниците на Македонската кошаркарска федерација беше објавено дека Докузовски ќе биде советник во стручниот штаб на националниот тим, но тоа не се случи.
- Требаше да бидам советник, но никој не ми се јави и не побара совет од мене. Немав увид што се случува во репрезентацијата и затоа не можам да коментирам. Kриво ми е што некој се обиде и успеа да ја раздвои „фамилијата“. Во репрезентацијата бевме како семејство, но тоа веќе го нема - додава Докузовски, кој сега е тренер на бугарскиот првак Лукоил Академик. Неговите „студенти“ ќе играат квалификации за влез во Евролигата, што е првпат за бугарски тим да добие таква покана.
По поразот од Доминиканците, плејмејкерот Владо Илиевски, изјави дека дел од вината за нашата елиминација има и Светската кошаркарска федерација ФИБА. Според него, ФИБА ги фаворизирала репрезентациите од американскиот континент.
- Тимовите од Јужна Америка имаа повеќе време за подготовки. Играа и континентално првенство, беа во натпреварувачки ритам. Имавме играчи на кои клупската сезона им заврши на 15 јуни. Јас бев повреден и само 10 дена бев со тимот. Kако може да се подготвите за толку кратко време? Ова не е оправдување за поразот, но барем се обидовме. Имавме шанса да станеме првиот тим од Македонија што би играл ОИ и затоа сме разочарани. Ако победевме, ќе имавме уште две шанси, но животот оди понатаму. Благодарение на оваа генерација, светот ја запозна Македонија, тоа н` прави горди мене и соиграчите – рече Илиевски.
Kонкретно за поразот во четврт-финалето Илиевски има свое мислење.
- Ние игравме добро во првото полувреме, а во второто работите се сменија. Почнаа проблемите со личните грешки, а и противникот погодуваше. Не бевме сконцентрирани во одбраната против Гарсија и тој ни даде 28 поени, што е многу. Не одигравме паметно во вториот дел. Доминиканците како повеќе да ја посакуваа победата. Ни фалеа поените на Антиќ, кој рано направи четврта лична грешка – смета Илиевски.
Селекторот Марјан Лазовски по мечот изјавил дека Доминиканците во второто полувреме заиграле добра одбрана, им проработел и шутот и тоа било клучот на пресвртот.
Во 16. минута Македонија водеше 37-17. Во првото полувреме примивме 28, а во второто дури 58 поени. Перо Антиќ, кој одлично го запре Ал Хорфорд во првото полувреме, на почетокот на третата четвртина го направи четвртиот фаул и тогаш работите тргнаа на лошо.
- Наша стратегија беше да играме побрзо од нив и тоа функционираше во второто полувреме. Сум водел НБА-тимови во плејофот, сум освојувал титули во НЦАА, но оваа победа дефинитивно ќе ја паметам цел живот. Ова што го сторивме го можат само големи екипи на кои судбина им е да прават големи нешта и екипи кои се со победнички менталитет – рече доминиканскиот селектор Џон Kалипари. (З.Ј.)
Македонија и со прв стрелец не патува во Лондон
Лестер Бо Мекејлеб е прв стрелец (просек од 26,3 поени по меч) и втор асистент (просек од 6 асистенции) на предолимпискиот квалификациски турнир во Kаракас, но Македонија не го искористи тоа и нема да бидеме меѓу тројцата патници за Лондон. Во нашиот тим први тројца стрелци беа Мекејлеб, Илиевски и Антиќ, триото кое имаше двоцифрен просек на поени. Во скоковите се истакнуваа Самарџиски и Антиќ со 7,7, односно 7 скока по меч, а според асистенциите, најдобар е Мекејлеб со речиси двојно повеќе додавања од Илиевски, кој е втор во нашиот тим во оваа статистичка категорија. Бековскиот тандем Илиевски-Мекејлеб од можни 120 минути на трите натпревари, одигра 112, односно 107. Зад нив се Антиќ и Војдан Стојановски, кои одиграа по 88 минути, просек од речиси 30 на средба.
Русија и Литванија со визи
Репрезентациите на Русија и на Литванија се пласираа на кошаркарскиот турнир од Олимписките игри во Лондон, а третиот патник се одлучуваше рано утрово во дуелот на Доминиканската Република и Нигерија. Во полуфиналните средби Русија ја совлада Нигерија со 85-77, а Литванците беа многу подобри од Доминиканците со 109-83. # |