СТАВ
Врати се јужна

Фудбалскиот гигант Ливерпул ја забрза реконструкцијата и експресно ја распродаде јужната трибина на „Филип Втори“. Уште побрзо ја испразни за време на претставата со резервистите. Но, целта си ја постигна. Го совлада мотивираниот, но не и рамноправен Работнички. Ги разочара оние што дојдоа да ги видат „црвените“.
Стратегот на Ливерпул, Рој Хоџсон, долго ги држеше во неизвесност македонските љубители. Страстите зовреа, а во Скопје не дојдоа ѕвездите што го распродадоа стадионот. Ништо од спектаклот. Љубителите на фудбалот се почувствуваа измамени, па кога откажа и техниката, а на стадионот за кусо настапи полумрак, побрзаа да си заминат предвреме за да не бидат видени иако дојдоа за тоа. За Работнички сигурно не, бидејќи „романтичарите“ претходно одиграа две квалификациски кола од Лигата на Европа, а од трибините ги гледаа само неколку стотини искрени навивачи.
Се' е ука, па и гостувањето на Ливерпул. Можеби сега ќе сфатиме. Работнички да направи тим, а не да го распродава како што го правеше пред и по секој меѓународен натпревар ако сака да биде поконкурентен и попосетен, а навивачите да имаат трпение. Ако имаше фудбалска наместо театрална атмосфера, можеби се' ќе беше поинаку со Ливерпул. Вака ни останува во иднина наместо јави се јужна да скандираме врати се јужна, бидејќи Ливерпул и тимовите од неговиот калибар во Скопје доаѓаат ретко.
Драган Николовски |