|
Гинекологија Чаир се реновира
 Од септември во родилиштата и во другите јавни здравствени установи треба да се испорача поголема пратка со опрема, со што ќе се надмине недостигот од основни апарати - кардиотопографи, монитори, инфузиомати и друго. Недостигот од кадар во родилиштата ќе се решава со прераспределба на вработените од една во друга болница, најавија надлежните.
- Нема дефицит од кадар во целиот систем, туку нерамномерна распределба - во некои гинеколошко-акушерските оддели има превработеност, а некаде дефицит. За ова, како и за вработувањето нови лица на клиниките, за што има и конкурси, ќе решава Комисијата за човечки ресурси, а за тоа ќе стане збор и на утрешната седница на Влада - рече министерот за здравство Бујар Османи, кој вчера го означи почетокот на реконструкцијата на Гинекологија Чаир.
Тој рече дека во таа болница ќе се инвестираат околу 2 милиона евра, а работите ќе се изведуваат околу 12 месеци. Второто родилиште во земјава со над 3.000 породувања годишно треба да добие модерни породилни сали, двокреветни соби и апартмани според најновите стандарди.
Тој се' уште не знае кога во новата Клиника за гинекологија, која се гради веќе 10 години, ќе се чуе првиот бебешки плач.
- Откако сум министер таму се завршени сите градежни работи. Ја очекуваме опремата, сакаме Клиниката да ја опремиме со нов мебел и кревети и да личи на вистинска модерна болница - додаде Османи.
На прашањето како го коментира барањето од СОЖМ за негова оставка, Османи рече дека за него одговорност значи соочување со проблемите, а оставка - бегање од нив.
- Чувствувам одговорност за тоа што се случува во здравството, иако за голем дел од работите што ми се препишуваат не сум директно одговорен, вклучувајќи го и третманот на пациентите. Тоа што го правиме во овие две години - реконструкција и набавката на новата опрема, тоа што првпат се констатираат проблемите во родилиштата, значи дека 20 години никој не влегол и не проценил каква е состојбата - одговори министерот. (Љ.Б.) |
# |
|
|