Водител на Би-би-си го нарече Гордон Браун едноок шкотски идиот
Телевизискиот водител на Би-би-си, Џереми Кларксон, го нарече британскиот премиер Гордон Браун едноок шкотски идиот што ја лаже јавноста, јави МИА.Инцидентот се случил во Австралија, во текот на интервју во кое Кларксон, коментирајќи ги настојувањата на австралискиот премиер Кевин Рад за стабилизација на тамошната економија, остро се нафрлил врз Браун и неговото раководење со Британија, која се соочува со рецесија.
Водителот досега нема давано политички коментари, затоа што тој е ангажиран во забавниот дел од програмата. Управата на Би-би-си, како и кабинетот на британскиот премиер одбија да ја коментираат изјавата на телевизискиот водител, но високи функционери на владејачката Лабуристичка партија остро реагираа на навредата.
Браун уште како мошне млад го има речиси целосно загубено видот на едното око, откако се повредил играјќи рагби. Џереми Кларксон е еден од најпопуларните водители на Би-би-си со милионски хонорар, а неговата емисија редовно ја гледаат милиони гледачи. Познат по својот остар и груб јазик, во Британија го сметаат за човек од кого може се' да се очекува.Би-би-си и претходно имаше проблеми со своите телевизиски и радио-водители. Поради невкусни и навредливи шеги работата ја загубија двајца водители, а еден беше суспендиран. |