Илиевски бара извинување од МВР
Јас нема да се извинам, туку МВР треба да ни се извини мене и на семејството за малтретирањето и за срамот, е одговорот на битолскиот фармер Душко Илиевски до Министерството за внатрешни работи, кое побара тој да им се извини, за како што рекоа, неоснованите обвинувања дека в полиција бил тепан. Во спротивно, ќе го тужеле за клевета.
- Дали да им се извинам зашто ми го уништија сточниот фонд, од 86 грла ме донесоа на 2 грла, да се извинам зашто ме тепаа в полиција, зашто ми го малтретираа семејството и за тортурата што му ја нанесоа. Не знам кој на кого треба да му се извини - изјави Илиевски.
МВР во соопштение на својата веб-страница информираше дека немало никакви пречекорувања на овластувањата на полициските службеници за време на сослушувањето и дека фармерот не бил тепан.
- Не знам од каде излезе тоа дека некој ме удирал по глава. Не реков по глава. Ноќта кога ме извадија од карцел бев качен горе кај инспекторите. Едниот ме испитуваше, а друг службеник со стол ме удри во слабината, со едната ногарка. Местото беше издраскано, се гледаше. Немаше кому да му се пожалам бидејќи во затворот не бев прашан дали сум тепан, туку дали сум земал дрога. Не знаев какви се правилата, првпат бев во притвор - додава Илиевски.
Тој ги повика министрите за внатрешни работи и за земјоделство да го посетат Битолско Поле за да видат како марихуана расте на сите страни.
- Не се занимавам со наркоманија, се занимавам со земјоделство и сум поголем производител, а не маткач. Годинава ќе имам 120 тони компир и 100 тона пиперки - рече фармерот. (Ж.З.) |