Отров сотре пчелни семејства во Охрид
Прскањето против лисни вошки на липите што деновиве беше спроведено во градското подрачје на Охрид заврши трагично за десетина охридски пчелари, на кои отровот им сотре повеќе од 100 пчелни семејства. Како што информираа од Здружението на пчелари, најголеми штети претрпеле пчеларите на потегот од Бараки, Бејбунар и Горица, но штети има и кај населбата Далјан.
Пчеларите велат дека причина за умирањето на пчелите е средството што службите на охридски „Комуналец“ го користеле при прскањето.
- Станува збор за средство „актара“, кое е еден од најјаките инсектициди. Ова средство не само што е штетно за пчелите, туку е штетно и за луѓето. За нестручноста во прскањето говори и фактот што прскањето се вршело преку ден, кога во централното градско подрачје има голема фреквенција на луѓе - велат оштетените пчелари.
Тие објаснуваат дека од надлежните институции ќе побараат надоместување на штетата и се надеваат дека во иднина нема да се случуваат вакви пропусти.
На терен од пред неколку дена е излезен државниот ветеринарен инспектор кој направил записник за штетите. Исто така, биле испратени и примероци од пчелите на испитување во Скопје за да се утврди од што точно пцовисале.
(Е.Е.) |