|
Ватерполистите први на турнирот во Скопје
 Македонската ватерполо-репрезентација го зазеде првото место на турнирот на Олимпискиот базен во Скопје, откако завчера го победи составот на Австралија со 11-3, а вчера триумфира над вториот тим на Македонија со 15-3. Претходно Македонија го совлада вториот тим на Србија со 5-4. Редоследот на табелата на овој подготвителен турнир е Македонија 6, Србија 4, Австралија 2, а Македонија 2 без бодови. Нашиот тим на овој турнир се подготвуваше за настап на Европското првенство во Загреб, што започнува на 28 август.
- Оваа фаза од подготовките мина одлично. Задоволен сум со мечевите што ги одигравме и со кондициските подготовки. Сега ќе се одмораме до 3 август, а потоа повторно ќе се подготвуваме - изјави Стеван Нонковиќ, селекторот на Македонија. Нашата репрезентација на 8 август заминува за Турција и таму ќе изигра четири тест-средби по што ќе се врати во земјава.
Македонија веќе одигра серија средби со селекцијата на Турција која неодамна гостуваше во Скопје. Во официјалната пријателска средба победивме со 10-8. Македонија ќе ги заврши подготовките со заминувањето во Дубровник, Хрватска, на 22 август. Во овој град ќе одиграме неколку средби со најсилниот состав на „коцкестите“ пред стартот на ЕП во Загреб.
Во група сме со Србија, Унгарија, Германија, Грција, Русија на Европското првенство во Загреб. За да се пласираме во борба за пласман во првата половина на табелата во втората фаза, мора да бидеме меѓу првите три во групата. Ова е трет настап на Македонија на големи натпреварувања, по настапите на ЕП во Малага 2008 година (8 место од 12 тима) и на СП во Рим 2009 година (14 место од 16 тима). |
# |
|
|