Гасот нема да ни го олади парното
Поради неможноста да се префрли на работа на мазут, скопски „Макстил“ целосно го прекина производството
 Транзитот на рускиот гас за земјите на балканскиот регион и Турција беше прекинат завчераутро во 4. 30 часот без предупредување
Ненадејно стопираната испорака на руски гас за Балканот нема да предизвика рестрикции на парното во домовите на граѓаните и во училиштата во Македонија, откако „Топлификација“ привремено се префрли на работа на мазут според одлуката од завчерашниот состанок на Владата со бизнис-заедницата. На состанокот беше решено Македонија, заедно со останатите земји од регионот, да испрати официјален протест до Русија и до Украина.
- Од завчера „Топлификација“ работи на мазут, што значи парното во домовите ќе остане топло. Се работи за многу сложена процедура која ние успеавме да ја завршиме и да се префрлиме од гас на мазут за само 14 часа - изјави Димитар Хаџимишев, директор на „Топлификација“. Според Хаџимишев, „Топлификација“ веќе набавила мазут од скопската рафинерија „Окта“, а доколку има потреба останува можноста дополнително количество да се набави и од Макпетрол во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата. И министерот за економија Фатмир Бесими смета дека прекинот на испораката на гасот нема да има посериозни последици бидејќи овој енергенс малку се користи во државата, но повика проблемот да се реши што побргу.
- Треба да се воспостави редовно снабдување со гас, при што во координација со колегите од регионот би укажале на економските импликации, а ќе се повикаме и на почитување на меѓународните конвенции за транзитните енергетски проекти - изјави Фатмир Бесими.Во Македонија околу 30 објекти работат на природен гас од кои повеќето може да го префрлат производството на мазут. Сепак, прекинатата достава на природен гас поради спорот за неговата цена меѓу Украина и Русија ќе нанесе тежок удар врз „Макстил“. Директорот Александар Панов посочи дека одлуката од состанокот во Владата за нив нема големо влијание бидејќи немаат алтернативно решение и можност да го префрлат производството на мазут. Поради тоа, целосно е запрено производството и во челичарницата и во валалницата на скопски „Макстил“.
- Се наоѓаме во стендбај-позиција и единствено ни останува да чекаме да се реши спорот меѓу Украина и Русија. Агрегатите ги ставаме во мобилна состојба на одржување бидејќи се изложени на хаварии поради ниските температури. Очекуваме што побргу да се постигне решение, секој час за нас е битен - изјави директорот Панов. Тој потенцира дека најголем проблем за „Макстил“ претставува тоа што ако нескоро не продолжи доставата на природен гас, тие не ќе можат да ги завршат обврските и нарачките од корисници, кои исто така имаат свои рокови. Поради тоа, може да се случи да се доведе во прашање понатамошната соработка со досегашните партнери и нашите крајни корисници. Ако се пролонгира решението на проблемот, ова ќе биде голем удар врз Макстил, иако ние успеавме некако да го пребродиме првиот удар на светската економска криза - вели Панов.
Транзитот на рускиот природен гас за земјите на балканскиот регион и Турција беше прекинат завчераутро во 4. 30 часот без предупредување. Испораката запре поради спорот на Москва и Киев за цената на енергенсот. Руската државна компанија „Гаспром“ во целост ја прекина доставата за Бугарија, Грција, Турција, Романија, Хрватска, а значително е намалена за Унгарија, Австрија, Босна и Херцеговина и Чешка. Министерот за економија Фатмир Бесими доби официјално соопштение од „Нафтгаз“ од Украина дека се прекинува преносот на гас за Македонија поради недоразбирањата со „Гаспром“ од Русија. Во последните неколку години ова е шести руско-украински судир за гасот. Овој пат тој избувна откако „Гаспром“ побара поскапување на гасот, што Киев не го прифаќа, сметајќи дека е поголемо отколку што би требало. Москва ја прекина испораката на гас за Украина затоа што тамошната влада ги нема намирено сите долгови од минатата година. Владата во Киев, меѓутоа, тврди дека сметката е исплатена пред Нова година.
Македонија на состанокот на ЕУ за надминување на кризата
Македонија ќе учествува на состанокот на ЕУ со Русија и со Украина за надминување на кризата со снабдувањето со природен гас кој ќе се одржи во петок во Брисел, најави заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Ивица Боцевски. Според соопштението на Секретаријатот за европски прашања, на состанокот ќе учествуваат технички експерти од земјите-членки на ЕУ како и претставници од Русија и од Украина. Целта на состанокот е да се најдат начини и решенија за што побрзо надминување на кризата со снабдување природен гас во Европа.
- Вицепремиерот Боцевски, синоќа, во доцните вечерни часови, оствари и телефонски разговор со заменикот на претседателот на владата на Чешка Александр Вондра во својство на претседавач со Европската унија – се вели во дописот до медиумите.Боцевски го истакнал правото на Македонија, како член на Енергетската заедница, да побара и министерски состанок на сите земји-потписнички на Договорот за преземање соодветни мерки.
ЕУ бара итно да продолжи доставата
Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и чешкото претседателство на Европската Унија денеска побараа итно да се обнови трансферот на гас до земјите-членки на ЕУ.Баросо истакна дека неприфатливо е ЕУ да биде заложник на несогласувањата меѓу Москва и Киев, јави МИА.
- ЕУ повикува на брзо решение на трговскиот спор за доставите на гас од Русија за Украина и во најкус можен рок повторно да се трансферира гас до земјите-членки на ЕУ, се наведува во соопштението на Унијата. ЕУ изразува и загриженост од монополот на „Гаспром“ и не придржувањето до гаранциите дека земјите-членки на Унијата ќе добиваат гас.На денешниот состанок во Прага постигната е согласност Европската комисија да испрати набљудувачи во Украина кои ќе го контролираат протокот на гас од Русија кон земјите на ЕУ.
ИНФО-Координиран протест
Македонија, во координација со земјите од Балканот ќе поднесе официјален протест до Русија и до Украина. Во Македонија околу 30 објекти користат природен гас, од кои повеќето може да се преориентираат на мазут. Единствено „Макстил“ ќе претрпи голем удар бидејќи нема таква можност.„Топлификација“ за 14 часа успеа целосно да го префрли производството на мазут откако ненадејно беше прекината доставата на природен гас од Русија. Граѓаните нема потреба да стравуваат од рестрикции на парното.
Горан Ризаов Фото Маја Златевска |