Датум:
23.11.2012, 17:52 Почнува продажба на АД „Славија“
Владата ја задолжи Агенцијата за управување со одземен имот да ја почне постапката за продажба на АД „Славија“, акционерско друштво каде што 98 отсто сопственост и управувачки пакет има Агенцијата за управување со конфискуван имот, чиј основач е Владата.
- Сопствеништвото, како и управувачкиот пакет над акциите на „Славија“ е пренесено на Агенцијата при конфискацијата на 4.285 акции од лицето Kирил Kочовски, врз основа на правосилна судска пресуда за сторено кривично дело и решение за конфискација. Според истата пресуда, Kочовски ја оштетил Република Македонија за 97.612.997 денари - рече на вчерашната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Бирото за судски вештачења, како што додаде, има направено процена на имотот на АД „Славија“, според кое, имотот што го поседува друштвото изнесува околу 25 милиони евра.
Обврските на друштвото, пак, кон субјектите за плати на вработените, кон доверителите, кон државниот ФПИОМ и сите други обврски изнесуваат околу 17 милиони евра, рече Ѓорѓиев додавајќи дека „Славија“ е атрактивна за продажба и оти очекуваат да се појави интерес за купување.
Управниот одбор на „Славија“ идниот период треба да направи финална процена на вредноста на капиталот на фирмата, при што Владата, како што истакна Ѓорѓиев, ги задолжи да се земат предвид процената на Бирото за судски вештачења, долговите, побарувањата, спорните капитали, судските процедури, како и потпишаните договори за изнајмување, кои се со клаузули и не може да се раскине.
Владиниот портпарол истакна дека по завршувањето на сите постапки, акциите ќе бидат продадени на берза во конкретен датум за кој јавноста дополнително ќе биде известена. # |