Детска евровизиЈа
Зана Алиу со „Вљубена“ ќе не' претставува во Букурешт
Организаторите на детскиот евросонг, чие одржување било неизвесно до последен до момент, ги повика сите релевантни фактори да го поддржат нашиот репрезент на финалето во Букурешт, Романија

Тринаесетгодишната Зана Алиу, која ја изведе песната „Вљубена“, е победничка на четвртиот национален избор „Детската евровизија“, кој се одржа во саботата во Студио 3 на Македонската телевизија. Зана ги напиша музиката и текстот за победничката песна, а аранжманот е на Арти Кастрати.
- Многу сум возбудена зашто победата на овој избор ми беше дамнешен сон. Особено ми е драго што во жирито беше и Ламбе Алабаковски, кој е мојот омилен пејач. Сите песни беа убави и конкуренцијата беше голема. Со мислите веќе сум во Букурешт и ветувам дека ќе имам уште подобар настап - изјави Зана по победата.
Таа ќе не' претставува на детскиот евросонг што ќе се одржи на втори декември, во салата „Поливалента“ во Букурешт.
За националниот победник одлучуваа подеднакво гласовите на стручното жири и телевоутингот. Жирито го сочинуваа маестро Александар Џамбазов, поп-ѕвездата Ламбе Алабаковски, минатогодишниот победник Денис Димовски, м-р Јулијана Забева и Авни Алиу од албанската програма на МТВ. Нивните имиња беа познати половина час пред одржувањето на изборот.
Според телевоутингот, Зана освои максимални 25 бода, а според гласовите на жирито, беше втора, со 21 бод. На овој избор се изведоа 10 песни, а натпреварувачите пееја во живо поддржани од матрица.
Веќе е изработена агенда за активностите и подготовките на Зана пред поаѓањето во Букурешт. Според најавите на организаторот, ќе се подготвува рекламен материја, дизајн на обвивката на цедето со песната, разгледници, календар за 2007 година. Се најавува и ремикс на песната и финализирање на стајлингот на Зана и на кореографијата.
Организаторите на детскиот евросонг, чие одржување, дознаваме, било неизвесно до последен момент, по изборот упатија апел до сите релевантни фактори да го поддржат нашиот репрезент во Букурешт.
- Овој апел го даваме зашто во Македонската телевизија ситуацијата е навистина тешка, а, за жал, спонзорите изминативе години немаа „слух“ за нашите претставници на Детската евровизија, кои постигнаа одлични резултати - рече извршниот уредник на Училишно-детска програма Јане Теохаревски.

На изборот не се повтори минатогодишната слика, кога многу родители бурно реагираа на исходот од гласањето. Годинава прогласувањето помина тивко, иако можеше да се забележат солзи во очите на некои од учесниците. Водители на изборот беа деца од Образовната редакција на МТВ.
По стапките на своите родители
Дел од децата-учесници на детскиот евровизиски избор беа синови и ќерки на познати личности од естрадниот живот. Ивона Попчевска, која ја изведе песната „Поубав тандем“, е ќерка на познатиот музичар и продуцент Бранко Попчевски. Музиката и текстот за песната „Тик-так“ ја напиша малиот Марио Рудан, син на познатиот музичар и пејач Зоран Рудан-Цеки. Кореографијата за победничката песна „Вљубена“ ја направи Сања Шутевска, а во неа учествуваа Анѓела Велевска, ќерка на покојниот балетски првенец Зоран Велевски, и Мила Ниновска, ќерка на позната балерина Марина Ниновска.
Пејачка со богато музичко искуство
Зана Алиу се занимава со музика од петгодишна возраст. Досега издала две цедиња, настапила на повеќе детски фестивали во земјава и во Косово. На поголемиот дел од нив добила награди. Во минатата година, на 16 декември одржа солистички концерт во Универзалната сала во Скопје, на кој присуствувале над 3.000 луѓе. Професионално се занимава со тенис и со кошарка. Првата честитка за победата ја доби од родителите и од својата сестра, која учи во Америка. За нејзините ангажмани се грижи менаџерката Ина Идриза.
Зана е осмоодделенка во ОУ „Петар Здравковски-Пенко“.
Соња Алексоска- Неделковска |