Ни Интерпол не може да ни го најде украденото наследство
На интернет-страницата се претставени 400 артефакти по кои трага најголемата полициска организација, а нема ниту збор за богатството украдено и изнесено од Македонија
Македонско културно наследство украдено и шверцувано во странство го нема на интернет-страницата на Интерпол. На нивната страница се претставени 400 артефакти по кои трага таа најголема светска полициска организација, а нема ниту збор за богатството украдено и изнесено од Македонија. Иако Интерпол има своја канцеларија во Скопје и е информиран за изнесените артефакти од Македонија, тоа не е ставено на веб-страницата на која има меѓународни „потерници“ за украдени икони и ранохристијански скулптури од Грција, византиски монети од Турција, килими од Италија, дрвена маска од уметник од Танзанија, што исчезнала во Зимбабве, скулптура на „Св. Бенедикт“ од Хондурас, часовници од Унгарија што исчезнале во последните неколку години. Од канцеларијата на Интерпол во Скопје, „Дневник“ не доби објаснување зошто се игнорираат случаите од Македонија.
Во нашето Министерство за внатрешни работи велат дека редовно го информираат Интерпол за сите посериозни случаи на исчезнување на нашето културно наследство, но организацијата сама решава кој предмет ќе го стави на својата интернет-листа. Но, од нашата Управа за заштита на културното наследство сметаат дека нивните стручњаци треба да бидат во поинтензивна врска со Интерпол.
- Изгледа дека релацијата меѓу МВР и Интерпол не функционира баш најдобро. Ќе преземеме соодветни мерки и ние ќе стапиме во контакт со канцеларијата на Интерпол кај нас. Управата треба да биде во поинтензивна врска со нив. Без разлика на надлежностите, ние мора да имаме контакти со нив за да можеме да водиме сметка за грижата на нашето културно наследство - вели Паско Кузман, директор на Управата.
НАСЛЕДСТВОТО Е НАМАЛЕНО И ЗАГРОЗЕНО
Според Борче Пешевски, портпарол на МВР, Министерството досега има соработка со Интерпол во сите сегменти што се во рамките на нивните надлежности.
- Досега соработуваме на задоволително ниво. Интерпол си одлучува за својот сајт, ние за нашиот. За сите нешта за кои има потреба, редовно ги известуваме. Правиме тоа што е потребно и што ни е обврска и во интерес на Министерството и на државата - вели Пешевски.
Благодарејќи на Интерпол, во последните неколку години 208 артефакти се вратени во земјите од кои се украдени. Меѓу нив е и скулптура на божицата Хатор, која пред три години била вратена во Хрватска. Дека организацијата е заинтересирана за исчезнатото културно богатство од регионот покажува и фактот дека на еден од двата постера на најбарани предмети и уметнички дела на нивниот сајт е и сликата од Рембрант што на почетокот на годинава исчезна од музејот во Нови Сад.
За разлика од страницата на Интерпол, на веб-сајтот на МВР веќе неколку години е поставен текст во кој подетаљно е анализиран проблемот со одлевањето на нашето културно наследство.
„Нашата држава располага со значајно културно-историско богатство кое било одлика за постоењето на јака и здрава култура-цивилизација на овие простори со посебно одличије, единствено за популацијата што живеела и живее на територијата на денешна Македонија. Поради тоа, со години и векови наназад ова богатство било предмет на интерес на други држави, институции и поединци кои го присвојувале, краделе и насилно ги одземале. Културното наследство на Македонија е намалено во значителна мера и се' уште е загрозено“, пишува, меѓу другото, на веб-страницата на МВР.
УНИШТЕНИ ЕВИДЕНЦИИТЕ ЗА КРАЖБИ
Според податоците со кои располага полицијата, на територијата на Македонија се евидентирани околу 2.200 недвижни споменици на културата - манастири, цркви, џамии, текиња, околу 5.000 археолошки локалитети, 350 куќи на старата градска и селска архитектура и повеќе од 200 други споменици на културата - куќи, кули, мостови, анови. Од евидентираните недвижни споменици, само десетина се под целосна заштита на институциите. За другите 170 се грижат црковните организации или одбори. Повеќе од 1.000 објекти, главно цркви и манастири од 18 и 19 век во кои се наоѓаат многу икони, крстови, архивски и библиотечен материјал, воопшто не се ставени под заштита. Од археолошките локалитети, 62 се под заштита како споменици на културата и околу 350 куќи на старата градска и селска архитектура. Околу 430.000 движни предмети и документи, од нив 25.000 икони, се во црквите и манастирите, додека тие со поголема вредност се чуваат во музеи, галерии, библиотеки и други овластени институции.
Според МВР, од 1946 до 1972 година институциите што требало да се грижат за исчезнувањето на културното наследство воопшто не воделе евиденции за бројот на кражби ниту за бројот на украдени артефакти. Од 1946 година досега од црквите, манастирите и од археолошките локалитети бесправно се одземени повеќе предмети и икони што претставуваат огромно културно наследно богатство. До 1952 година воопшто не може да се одреди бројот на одземените предмети и икони затоа што во тој период не биле водени никакви евиденции за тој вид кражби ниту иконите биле евидентирани. Од 1952 до 1963 година Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата ги евидентирале вредните предмети и икони во околу 1.700 цркви и манастири во Македонија и регистрирале околу 22.700 вредни икони и многу повеќе книги, евангелија, крстови и друго.
„Но, и по тој период не може со сигурност да се тврди колку икони и предмети се одземени зашто во 1972 година во повеќе сектори и одделенија за внатрешни работи евиденциите за кражби биле уништени како застарени дела и случаи. Класичното водење за бројот на кражби и предмети во МВР постои од 1972 година наваму“, пишува на интернет-страницата на МВР.
Весна Ивановска
|