прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
среда, 06 декември 2006    
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Литература

големи АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА НА СКОПСКАТА ТВРДИНА

Скопското Кале ќе го открие сјајот на многу цивилизации

Владата одвои 900 илјади евра за истражувањата идната година, вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство

Како археолог очекува скопското Кале да открие силен одблесок на многу цивилизации. Како директор на Управата за заштита на културното наследство се надева ќе ја спаси тврдината од забот на времето, поради негрижата која трае со години. Охриѓанецот Паско Кузман за идната година најавува инвестиција од 900 илјади евра за археолошки ископувања и истражувања на скопската тврдина. Тоа е прв проект од толкави размери што ќе биде реализиран на скопската цитадела, а ќе го финансира Владата. Диригентската палка за амбициозниот проект што ќе трае три години му е доверена на професорот Драги Митревски, раководител на катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Кузман нема да му се меша во работата, но веќе поставил еден услов - во проектот да бидат вклучени сите невработени археолози и студентите по археологија.

- Владата стои зад повеќе проекти од областа на културата, меѓу кои археолошки ископувања, конзервација и реставрација на атрактивниот дел од скопската тврдина. Премиерот беше заинтересиран за проектот и го поддржа, а јас бев воодушевен од неговата иницијатива да направиме многу работи - објаснува Кузман.

СИТЕ НЕВРАБОТЕНИ АРХЕОЛОЗИ НА ТЕРЕН

Веќе е подготвен краток елаборат, кој укажува кратко и јасно за финансиската состојба, динамиката и за резултатите од сработеното. Замислено е да се работи на југозападниот дел на скопската тврдина (тој што се гледа од мостот Гоце Делчев).

- Токму тој дел е најруиниран и најнезаштитен. Целта е идната година да се довршат систематските археолошки истражувања - вели Кузман.

Паралелно, при крајот на истражувањата ќе биде подготвен проектот за конзервација и реставрација на двата бедема меѓу кои ќе се врши истражувањето, откако археолозите ќе ги добијат сите потребни сознанија. Во 2008 година ќе бидат дозавршени систематските археолошки истражувања со разни сонди, за да се заокружи „археолошката приказна“.

- Тврдината е археолошка оаза, што ние археолозите досега постојано ја „пропуштавме“. Не сме и' обрнале доволно внимание, а таа го заслужува. Тврдината е неверојатен археолошки дел од градот кој сигурно ја содржи целокупната скопска историја „во мало“ - вели Кузман.

Со археолошките истражувања ќе раководи Драги Митревски.

- Решив таа работа да му ја доверам нему, а јас сум тој што ќе одговара за сите резултати. Но, Митревски ќе биде вистинскиот раководител на истражувањата. Една работа му кажав нему и на сите други - додека се реализира проектот мора да бидат ангажирани сите невработени археолози, а ги има цел куп. Мислам дека тоа е една од големите придобивки во сета оваа работа. Во акциите на терен, без исклучок, треба да бидат вклучени и сите студенти, но катедрата тоа секако ќе го направи. Ќе има многу ангажирани и од институциите, но тие се веќе „задомени“ - објаснува Кузман.

КИКЛОПСКИТЕ ЅИДИНИ ВО СТРАВИЧНА СОСТОЈБА

Археолозите ќе истражуваат меѓу двата бедема - првиот што се гледа од надворешната страна и тој што е неколку метри над него, кој е назабен и руиниран, тие треба да бидат конзервирани и реставрирани.

- Ако не направиме археолошки истражувања до темелите, нема да знаеме како да ги конзервираме. Мора да слеземе до жилите, за да знаеме како да го составиме конзерваторскиот проект и да ги заштитиме бедемите. Тоа мора итно да се стори, зашто ѕидините се распаѓаат. Особено по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, таму е направена невидена претурбација. Сега треба сето тоа научно и стручно да го обработиме и да го презентираме пред јавноста - објаснува Кузман.

Скопскиот конзерваторски центар во последните две години ги конзервираше и реставрираше западниот влез на тврдината и една од кулите на бедемот (наспроти куќата на Никола Мартиноски). Сега таму се запрени сите активности, зашто и тој дел ќе биде вклучен во новиот проект.

- Премиерот беше многу заинтересиран скопското Кале целосно да се истражи. Тоа како идеја може да се реализира, но ќе трае најмалку 20 години, а ќе чини околу 50 милиони евра. Бидејќи тоа во моментот е неизводливо, тој се сложи со тоа што е реално, што може да се постигне - вели Кузман.

Во проектот не е предвидена конзервација и реставрација на киклопските ѕидини, направени од големи мермерни блокови, на акрополата на Калето. Но, Кузман се надева дека ќе успеат да заштедат дел од парите за истражување и заштита.

- Засега тоа не можам сигурно да го потврдам. Но, тој дел од скопското Кале нас, археолозите, толку многу не' привлекува што сигурно ќе стигнеме и дотаму. Многу сме љубопитни да ги истражиме киклопските ѕидини, се разбира и да ги заштитиме. Таму има стравични работи! Но, таква беше и охридската тврдина. Кога почнав да работам, некои луѓе малку со иронија гледаа на сето тоа и до ден-денес така мислат, но таа е спасена и тука нема дискусија. И оваа тврдина ќе биде спасена - тврди Кузман.

ЗАШТИТАТА НА ПРВО МЕСТО

На прашањето дали примарната цел на проектот е заштитата на локалитетот или потрага по нови археолошки вистини, Кузман вели дека секогаш поаѓа од аспектот на заштитата на културното наследство. Патем, се разбира, не може да се заобиколи науката.

- Сите нетрпеливо ќе ги очекуваат резултатите. Потрагата по Јустинијана Прима и по другите археолошки околности ќе дадат многу сознанија за историјата не само на Скопје туку и на Македонија. Сепак, примарна задача е да ја заштитиме тврдината, да опстојува и понатаму, да ја имаме пред себе, да ја пазиме и да ја сочуваме - вели тој.

Кога Кузман почна да работи на Самуиловата тврдина, тргна да го бара времето во кое живеел царот Самуил, но го пронајде времето на Лихнид и на автохтониот етнос што живеел таму. На прашањето што очекува да најде на скопската тврдина тој вели:

- Има некои археолошки стратегии, јас така ги викам. Мојата археолошка стратегија во Охрид беше Самуил, но воопшто не мислев на него, туку на целокупното археолошко спознавање што ќе ни го даде просторот. И навистина ни даде многу, многу вредни работи. Највредно е што интензивниот живот на Самуиловата тврдина почнува некаде во 4 век пред новата ера, а не во времето на Самуил. Тој само учествувал во сето тоа и еден дел од историјата му припаѓа нему. Најзначајни се откритијата што го поткрепуваат македонскиот период, кој е исклучително значаен! Со истражувањата и со новите научни податоци покажавме дека Лихнидос е целосно северномакедонски град, и според културата и според општественото уредување, наспроти сите досегашни ставови на европски и светски професори по археологија, кои секогаш го ставаа Лихнидос во рамките на илирскиот етнос и нивната културна и државна сфера - гордо Вели Кузман.

Слика за Скопје од праисторијата до денес

За разлика од Самуиловата тврдина, Паско Кузман на скопското Кале очекува многу „позамрсена“ ситуација - еден силен одблесок на многу цивилизации.

- Сигурно ќе наидеме на праисторија, на античкиот период, на Византија во времето на Јустинијан и сите векови потоа, српскиот период во времето на цар Душан, а сигурно го има и оној претурбациски период во турското време. Очекувам цела стратиграфија на сознанија, од праисторијата до денес, кои ќе бидат драгоцени за целата наша историја, особено за Скопје. Тука е и античкиот град Скупи, само малку подалеку. И на Калето се живеело во времето кога постоел Скупи. Веројатно имало некоја врска меѓу двата града. Сето тоа ќе го дознаеме со археолошките истражувања. Верувам дека професорот Драги Митревски, со својата екипа, сето тоа многу солидно ќе го презентира пред пошироката и пред археолошката јавност - вели Кузман.

Весна Ивановска


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт