Македонците не сакаат билет во еден правец
Иако речиси половина од нацијата не е задоволна од својот животен стандард, само 13 отсто од граѓаните би емигрирале, а само три отсто имаат конкретни планови во таа насока
Речиси 45 отсто од граѓаните на Македонија не се задоволни од својот животен стандард, но дури 70 проценти од нив се придржуваат на поговорката „Доме, слатки доме“. Не планираат да ја напуштат земјата иако половината од нашите граѓани сметаат дека во странство можностите за заработка се поголеми, заклучи најновото истражување на балканскиот „Галуп монитор“, кое вчера беше презентирано во Брисел.
Во анкетата спроведена во септември и октомври 2008 година, 40 проценти од граѓаните на Македонија велат дека имаат сериозни проблеми до крај да го истераат месецот на финансиски план. Но, од 2006 до 2008 за само два процента пораснал бројот на оние што се незадоволни од својот животен стандард. Во 2006 ги имало 58 отсто, а во 2008 - 60 проценти.
Според анкетата, направена пред да станат сериозни шансите за визна либерализација за Македонија, 13 отсто од граѓаните кај нас рекле дека планираат да ја напуштат земјата, но само 3 проценти од нив имаат конкретни планови во таа насока.
„Галуп“ најавува нов извештај за октомври, кога ќе биде земена предвид сега веќе опипливата перспектива за ослободување од визен режим. Аналитичарите од „Галуп“ очекуваат дека дури тогаш ќе може да се оцени колкав е бројот на оние што навистина ќе ја напуштат земјата за подолг период откако нема да бидат потребни визи за патување во ЕУ.
Според Роберт Манчин од Институтот „Галуп“, во Македонија најчесто припадниците на албанската заедница се оние што велат дека би ја напуштиле земјата. Оваа тенденција меѓу Албанците се забележува во сите земји во регионот во кои тие живеат. Албанците во регионот се исто така оние што примаат најголема помош од иселениците во странство. Во Македонија таа сума изнесува просечно 240 евра месечно. Педесет проценти од македонските Албанци велат дека ситуацијата во државата се влошува, а на национално ниво процентот е 43 отсто. Кај етничките Македонци 39 отсто се уверени дека ситуацијата во земјата ќе се подобрува.
Германија и Италија се двете европски земји каде што Балканците би сакале да емигрираат, а многумина сакаат да заминат во САД и во Швајцарија. Институтот „Галуп“ оценува дека во целиот регион бројот на оние што сакаат да го напуштат е 120.000, а 70.000 од нив сакаат да заминат во некоја од земјите на ЕУ. Земјите со најголем миграторен потенцијал се Албанија и Македонија. Изненадувачки, се' помалку жители на Црна Гора и Албанија планираат да заминат од земјата.
Светлана Јовановска Наша дописничка од Брисел |