прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
   
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Македонија

негрижа за КУЛТУРНОто НАСЛЕДСТВО

Македонските бронзи никој не ги враќа од Словенија

Државата не можела да одвои 120.000 денари, за авионски билети за нашиот тим стручњаци за да ги врати во Македонија артефактите стари околу 28 века

Министерството за култура не можело да одвои 120.000 денари за авионски билети за нашиот тим стручњаци што требало да појдат во Словенија и да ги вратат во Македонија археолошките предмети стари околу 28 века, кои пред една година беа запленети на словенечката граница. Толку пари поранешниот министер Благоја Стефановски трошел, на пример, за четири дневници во странство.

Според Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, тоа е единствената причина зошто вредните артефакти се' уште се заглавени на словенечка територија. Словенците се подготвени да ни ги достават предметите, но ние треба да формираме екипа што ќе оди да ги донесе археолошките експонати.

- Тоа досега не е средено зашто немало доволно пари. Верувам дека со Министерството за култура брзо ќе го решиме случајот и дека брзо ќе најдеме 120.000 денари за да можат предметите од големо археолошко значење да бидат вратени овде, од каде што потекнуваат - вели Кузман.

„Дневник“ во почетокот на февруари првпат објави дека стотина македонски бронзи од 7 и 6 век пред новата ера, половина година чекаат нашите служби да ги преземат и да ги вратат во Македонија. Тогашниот директор на Управата, Јован Ристов, тогаш изјави дека проблемот е во нашата дипломатска неажурност. Неколку месеци подоцна Управата излезе со став дека Словенија одолжува да и' ги врати на Македонија артефактите и дека Словенците од нашите надлежни служби барале се' повеќе документи за да го утврдат потеклото на предметите.

Од словенечката амбасада во нашата земја тогаш изјавија дека постапката за враќање на предметите од културното наследство на Македонија е приоритет на Министерството за култура на Словенија, во интерес на добрите меѓудржавни односи. Словенечките експерти тврделе дека во податоците што им ги испратиле нашите служби имало стручни недоречености и технички недостатоци. Министерството за култура на Словенија соопшти дека со најголемо задоволство ќе и' ги врати археолошките предмети на Македонија, веднаш по стручната процена дека предметите потекнуваат од македонска територија.

Според Паско Кузман, сознанијата говорат дека предметите се од Гевгелискиот регион. Тој предлага кога артефактите ќе пристигнат во Македонија, во комисијата за поставување на предметите да има и стручњак од Музејот на Македонија.

- Сметам дека за сите предмети отуѓени од Македонија, за кои има шанса да се вратат, прво треба да го консултираме Музејот на Македонија, како матична институција, а потоа да се донесе соодветно решение каде и кој ќе ги проучува и презентира. Според досегашната практика, тие предмети би требало да завршат во гевгелискиот музеј. Но, не сум сигурен дека баш сите треба да се вратат таму, зашто според сознанијата, предметите не се само од Гевгелискиот регион, туку и пошироко. Археолошки предмети што се враќаат од странство прво треба да бидат преземени од Музејот на Македонија, да не кажам, државниот музеј на Македонија - вели Кузман.

Терминот „македонски бронзи“ во археологијата го вовел чешкиот археолог Јан Боузек во 1973 година. Дотогаш тие биле познати под името „бронзи од железното време“.

Нема време за Словенија

Благој Стефановски, претходниот министер за култура, од 6 февруари (кога „Дневник“ првпат објави дека македонските бронзи шест месеци се заглавени на словенечката граница) до 31 јули, кога му заврши мандатот, шест пати патувал во странство. Од 15 до 28 февруари престојувал во Австралија, од 2 до 5 април во Германија, од 9 до 12 април во Париз, од 3 до 6 мај во Подгорица, од 13 до 15 август во Истанбул, Турција, а од 22 до 25 август, повторно во Германија. За Словенија не му останало време.

(В.И.)

 


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт