Датум:
05.10.2006, 16:49 ИСПРАВЕНА пеЧатарска ГРЕШКА
Битола за малку ќе се претставуваше како бугарска
Малку фалеше каталогот „Сигналитика“ пред меѓународната јавност да го претстави урбаното наследство на Битола, еден од најстарите градови на Балканот, како бугарско. На насловната страница на овој промотивен материјал, испечатен неодамна во Битола, е запишан зборот „Блгарско“. Овој промотивен материјал беше изработен во рамките на партнерскиот проект меѓу Министерствата за култура на Македонија и на Франција, амбасадата на Франција, македонските и француските градови. Деградирањето на македонското културно наследство преку овој каталог го спречија битолските советници, кои јавно се спротивставија тоа да се прикажува како бугарско.
- Ниту Битола е бугарска, ниту јас се чувствувам како Бугарин. На корицата на проспектот на таа сигналитика, што се фалевме дека ќе оди низ светот и ќе ги популаризира градот и култура, со старословенски букви, незабележително, пишува „Блгарско“. Не верувам дека ова намерно го направи француската амбасада, но некој најверојатно го подметна - рече советникот Панде Манојлов.
Каталогот „Сигналитика“ го изработуваше стручна работна група координирана од почесниот конзул на Франција во Битола, Калиопа Кривашија Стилиновиќ. Таа вчера негираше дека изборот на старословенските букви е направен намерно.
- Направен е несреќен избор на букви од стара плоча, која е зачувана во Заводот и музеј во Битола, со цел корицата да биде поестетска. Изборот случајно го направи графички дизајнер, а на каталогот работеше стручна екипа од битолскиот Завод. Кога ги идентификувавме буквите, веднаш го запревме печатењето, а од новиот каталог ќе бидат исфрлени нерегуларностите - рече конзулот.
(Ж.З.) # |