Референдум за црква и џамија на плоштадот
Две здруженија почнуваат со собирање 8.800 потписи, колку што се потребни за да се распише референдум на ниво на Општина Центар за најавената изградба на верски објекти на плоштадот Македонија

Ќе се собираат потписи за распишување референдум на кој граѓаните на Општина Центар ќе се изјаснат дали сакаат или не сакаат да се изградат верски објекти на плоштадот Македонија, односно црква и џамија. Ова вчера го најавија членовите на граѓанските здруженија „Граѓани за европска Македонија“ и „Плоштад Слобода“, кои уште синоќа требаше да ги соберат првите 100 потребни потписи. За да се распише референдум потребни се 8.800 потписи.
Здруженијата нарачале и анкета на јавното мислење, која покажала дека големо мнозинство од жителите на Центар не сакаат верски објекти на градскиот плоштад.Според Жарко Трајановски од „Граѓани за европска Македонија“, иницијативата на Владата за изградба на црква на плоштадот и продажбата на градежната парцела на МПЦ по багателна цена е акт на самоволие.
- Иако постоеше тенденција кај владејачката партија и обид да се легитимира овој акт како демократски и во согласност со принципот на владеење на правото, анкетата покажува дека тој акт ниту беше демократски, ниту ја одразуваше волјата на граѓаните на општина Центар. Ова јавно мислење покажа дека граѓаните сакаат да бидат прашани за тоа дали ќе има изградба на верски објекти на плоштадот. Токму затоа од овој ден почнува нашата иницијатива за референдум - рече Трајановски.Тој додаде дека продажбата на земјиштето на МПЦ е законска, односно во законот стои дека јавно земјиште може да се продаде на тој начин на верска организација.
- Сепак, сметаме дека тој член од законот е неуставен и претпоставуваме дека Уставниот суд ќе може за тоа да расправа - изјави Трајановски. Ирена Цветковиќ од здружението „Плоштад Слобода“, потенцира дека распишувањето референдум нема да значи дека ги напуштаат правните битки поврзани со немилите настани во текот на мирните протести на 28 март на плоштадот Македонија, кога група студенти кои протестираа против изградба на објекти на плоштадот беа нападнати од неистомисленици.
- Судењата на тепаните учесници во протестот, за карање и викање на јавен простор, се одложени за септември и ние ќе продолжиме со напорите да ја истераме правдата до крај - нагласи Цветковиќ.Таа упати апел до сите граѓани и граѓански здруженија кои ја поддржуваат иницијативата да се вклучат во собирањето потписи за распишување референдум. За да се распише референдумот ќе мора да се соберат 8.800 потписи, односно 20 отсто од вкупниот број полнолетни граѓани во општина Центар.
- И покрај проблемите околу постапката за распишување референдум, затоа што законите за референдум и за локална самоуправа не се доволно јасни, ние се консултиравме со експери. Според нив, најпрво треба да се соберат 100 потписи за да може Министерството за правда или Општината да ни отворат пункт каде што ќе треба да собереме потписи од 20 отсто од вкупниот број полнолетни граѓани во Центар. Откако тоа ќе се исполни, Советот на Општината ќе биде задолжен да распише референдум - образложи Никола Наумовски од „Граѓани за европска Македонија“.
Тој рече дека, според неговите сознанија, работите околу изградбата на црквата ќе почнат уште овој месец кога ќе почне копањето на плоштадот за да се дислоцира канализацијата. Седумдесет отсто против
Седумдесет отсто од жителите на општина Центар се против изградбата на верски објекти на плоштадот. Само 1,5 отсто не знаат што сакаат, а 77 отсто сметаат дека треба да бидат прашани за тоа што ќе се гради на плоштадот Македонија. Ова се дел од резултатите на истражувањето на јавното мислење што го нарачаа здруженијата „Плоштад Слобода“ и „Граѓани за европска Македонија“. Анкетата ја спроведе „Брима галуп“ во периодот од 20 до 22 јули, на 503 граѓани од Центар, со финансиска поддршка на фондацијата Институт отворено општество - Македонија.
- Анкетата покажа дека Македонците се втори по бројност кога е во прашање изјаснувањето против градење верски објекти на плоштадот. Први се Турците, односно 75 отсто од нив се изјасниле дека не сакаат верски објекти на градскиот плоштад, потоа се Македонците со 72 процента, па Албанците со 26 проценти и на крај Ромите со 16 проценти - вели Никола Наумовски од здружението „Граѓани за европска Македонија“.
Според вероисповеста на испитаниците, атеистите се категорично против, односно 100 отсто од нив се изјасниле против црква и џамија на плоштадот. Од православните христијани 72 отсто се против, како и 32 отсто од муслиманите.Уште поголема е одбивноста на граѓаните кон подарокот на Владата за МПЦ и евентуалниот подарок кон ИВЗ - 74 проценти од жителите на Центар биле против подарувањето на земјиштето.
Анела Петрова |