Датум:
06.04.2009, 17:56 Иванов во мај ќе го покани Папуљас
Сепак не може да се очекува во краток рок да се најде компромисно решение во спорот со Грција, сметаат експерти за надворешна политика

Во мај, веднаш по преземањето на функцијата претседател на државата, ќе ја официјализирам мојата покана за средба со грчкиот претседател Каролос Папуљас, изјави вчера Ѓорге Иванов. Јас сум секогаш оптимист, но ќе видиме како ќе биде прифатена мојата иницијатива, која е придонес за затоплувањето на односите - рече тој при посетата на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“, каде што запали свеќа за благосостојба на граѓаните на Македонија.Иванов рече дека не' очекуваат главните предзвици со кои треба да се соочиме - членство во ЕУ и во НАТО и решавање на спорот за името. Овие приоритети ги потенцира и во обраќањето по победата на претседателските избори. Тој закажа средба со македонскиот преговарач во спорот за името, амбасадорот Зоран Јолевски.
- По завршувањето на изборите за Европскиот парламент во Грција, ќе настојувам сите институции во државата да дадат целосен придонес за да се дојде до целта - разумен компромис, кој нема да биде на штета на македонскиот идентитет - истакна Иванов.
Поранешните министри за надворешни работи Слободан Чашуле и Денко Малевски сметаат дека сепак не може наскоро да се очекува решение. Од Иванов очекувам да спроведува државна стратегија за решавање на прашањето за името. Тој не е носител на тој процес, но има удел во него. Убеден сум дека ќе направи се' за да се создаде поповолна атмосфера и разумен дијалог. Но, сигурен сум дека не е можно решение се' додека е на власт актуелната гарнитура во Грција - истакнува Слободан Чашуле.Според него, спорот за нашето уставно име грчката страна го користи за манипулација со домашната јавност.
- Треба да бидеме трпеливи, да почекаме таму да поминат европските и парламентарните избори, а во меѓувреме кај нашите меѓународни пријатели да издејствуваме да се почитува обврската од Привремената спогодба од 1995 година за Грција да не ја спречува нашата евроатлантска интеграција -укажува Чашуле.
Денко Малевски, пак, смета дека долго ќе бидеме заглавени во оваа ситуација. Користењето на историјата за политички цели го подгреа современиот македонски национализам. На меѓународен план позицијата на Грција е зајакната, а ние поради употребата на античката митологија загубивме многу пријатели. Вакви позиции не одат во прилог на решавање на спорот за името во догледно време. Дури е прашање дали за тоа е доволен и петгодишниот претседателски мандат - оценува Малевски.Тој смета дека со изборот на Иванов премиерот и Владата ќе бидат ослободени од притисокот на претседателот да се најде решение. Односно, новиот шеф на државата ќе ги амортизира надворешните притисоци, а Владата ќе може да диктира темпо. Иванов нема позиција за самостојна дејност. Како да очекувате од него да се спротивстави на политиката на антиквизација кога тој е автор на таа идеја - вели Денко Малевски.
(П.Д.-Б.Ѓ.) # |