Патот преку Галичица меѓу најдобрите на листата на „Форбс“

Светскиот бизнис-магазин „Форбс“ ја избра Македонија меѓу најатрактивните дестинации за возење во Европа. На неговата веб-страница, рутата од Преспа до Охрид преку Галичица е препорачана како една од 20-те најдобри дестинации. Својата топ-листа со пејзажни возења магазинот ја составува според мислење на експерти, кои предлагаат свои фаворити. Македонската рута ја предложил Кристофер Делисо, патописец и автор на најновиот патопис „Скриена Македонија“. Според „Форбс“, Делисо препорачува „патување од Преспа до Охридското Езеро, меѓу тесни, ветровити патишта, кои водат низ јаболкници и светилишта на птици околу Преспанско Езеро, и потоа нагоре кон планината Галичица и низ високиот премин Ливада. Кратката прошетка до блискиот рид ви нуди истовремено поглед на двете езера - Преспанско и Охридско“. За секое специјално избрано место, експертите предлагаат и возило за патувањето. За прекрасниот езерски регион во Македонија Делисо го препорачува новиот „фолксваген“, популарната „буба“.
|