Писма
Поединечно не' бива, групно не
Во далечната 1983 г. направив викенд-куќичка во Маврово. Невидени проблеми: немаше вода, во кофи и буриња им носев на мајсторите за да се направи темелот и плочата. Одеднаш снема цемент, ден недела, се' е затворено, а цемент продаваше и туристичкото друштво во Маврови Анови. Под мотелот „Маврово“ направена бина, трешти музика, на бината дава се' од себе Алма Екмеџиќ. Среде концертот му приоѓам на Исмет, раководителот на Туристичкото биро и му барам цемент. Шашнат од Алма и од ненормалното барање, среде концерт и мојата тврдоглавост, виде-невиде, на кафеанска салфетка (која до денес, по 26 години, се' уште ја чувам), на магационерот-чувар му даде писмен налог „Да му издадеш цемент“. Платив утредента.
Но една од работите што ме стреснаа потоа како нов Мавровец беше потонатата црква „Св. Никола“, во селото Маврово. Никако не можев тоа да го разберам, уште помалку да го гледам.
Во далечната 1989 година поведов иницијатива, која почна вака: зедов новинар(ка) од „Вечер“ - Винка Саздова, дедо Кирил, намесник на Полошко-кумановската епархија и влеговме во црквата, која тогаш беше на суво. Што да видиш, еден македонски Нотр Дам од бигор, со прекрасен иконостас од мермер. Покривот паднат, камбанаријата на распаѓање. Дури по поплавувањето во 1950 годин беа вадени, спасувани иконите од македонскиот Џото, Дичо Зограф, кои сега се како корупки од лубеници. Следеа проекти, предлози, донации, но по желба на дедо Кирил се изгради нова црква, а старата си остана во водата.
Дедо Кириле, му реков, ова Турците не би го направиле. Винка Саздова не можеше да се начуди како еден скопјанец може да се грижи и да го сака Маврово и потонатата црква „Св. Никола“. А тогаш во Маврово имаше 2.000 викендички. Сите беа на видни личности, со исклучок на мене. Само јас мрднав со „малиот прст“ да направам нешто за Маврово. Замислете ако се мрднеа 2.000 „мали прсти“ за Мавровскиот регион, досега ќе беше Сент Мориц. Само една септичка јама чинеше 3.000 марки, која секоја викендичка, поединечно, си ја правеше за себе. Наместо 2.000 викендички по 3.000 марки, тоа се 6 милиони марки, доволно за одвод и довод да се направи за Париз, а не за Маврово. Но, недостигаше колективната енергија и намера. Кој да ги состави на купче Маврово, Леуново, Никифорово, Анови и Бела Вода. Секој тегне накај себе, небаре секој од нив е друга држава. Всушност, избегав од темата: распаѓањето на една од туристичките комори на Македонија, за која најмногу искрено жали Кристофер Делисо. Не е Македонец ама жали дека од 3 комори не може да се направи една, вистинска туристичка комора на Македонија. Човекот напишал повеќе за Македонија од Македонец.
Ќе си помисли човекот дека сме... Македонци. Жалам Кристофер, ама ние искрено се трудиме да „докажеме“ дека сме Македонците. Колку не' има, на толку страни влечеме. Како бубашваби, кога во бањата ќе запалиш светло. Затоа не ме чуди што се распаѓа една од коморите. Поединечно не' бива и така и така. На купче, никако. Од вересија, вересија.
Ангел Иванов, туристички работник, Скопје
Повисоки пензии, наместо бањи
Како пензионер од општината Карпош, еве неколку збора во врска со одлуката на премиерот Груевски дека од наредната година ќе праќа 10.000 пензионери на климатско-бањско лекување. Го потсетувам премиерот дека вакво нешто и досега се спроведувало и продолжува натаму. Имено, на здруженијата на пензионерите при општините од членарината што им се одбива секој месец се праќаат за оваа популистичка акција. Од секој разгранок, по критериумите зацртани во статутот, а тоа се пензионери со ниски пензии ( до 8.000 денари, со лекарско мислење дека имаат индикација за одење). Ова го тврдам бидејќи бев во комисијата за здравство и добро ги знам овие насоки.
Со овој метод на премиерот, убедена сум дека тој сака да ги добие пензионерите за предвремени избори за кои тој се готви. Наместо да ги насочи парите за вработувања, социјални случаи, самохрани мајки, тој ги троши парите од граѓаните за личен рејтинг, што му е многу важно. Да не се наседнува на евтини трикови.
Инаку, Општина Карпош ќе води грижа за пензионери. Градоначалникот отвора клубови за пензионери во кои можат да се разонодуваат и дружат пензионерите.
Останатото си тече по вообичаената шема. На пензионерите од Карпош, како и на сите други, од пензиите им се задржува по 20 денари месечна членарина со која премиерот ќе не' испраќа на бањање, но нам, на пензионерите, не ни треба бањање, туку сигурни и повисоки пензии.
Голупка Чегар |