ДУИ НЕ ГИ КОМЕНТИРА ИЗЈАВИТЕ НА ЛИДЕРОТ ЗА „ТА НЕА“
Ахмети бара мултиетничко име за земјава
Партиските потпретседатели Теута Арифи и Рафиз Алити потврдија само дека ставот на ДУИ е оти државниот врв треба да најде компромис за името заМакедонија данеги прокоцка евроатлантските интеграции

Али Ахмети и партискиот врв на ДУИ молчат и одбиваат да го објаснат ставот на лидерот објавен во интервју за грчкиот весник „Та неа“ дека „решението на спорот за името треба да одговара на мултиетничкиот карактер на нашата држава, да ги има предвид и идентитетот на граѓаните и историските и географските чувства на нашите јужни соседи“.
НЕ БИЛО ДИЗНИЛЕНД
На прашањето на грчкиот новинар „дали се' уште ја застапува позицијата дека не му е важно какво ќе биде името на државата, па дури и да се вика Дизниленд“, Ахмети демантирал дека рекол такво нешто и додал оти ДУИ има принципиелна позиција за името. Според него, реална е можноста да се дојде до решение на проблемот со Атина до 9 јули, годинава, кога Хрватска и Албанија ќе потпишат протокол за присоединување кон НАТО, ако има желба кај новата власт.Партиските потпретседатели Теута Арифи и Рафиз Алити потврдија само дека ставот на ДУИ е оти државниот врв треба да најде компромис за името за Македонија да не ги прокоцка евроатлантските интеграции. На прашањето дали ДУИ има предлог за името, Алити одговори: Тоа прашајте го Ахмети. Не сакам да го коментирам вториот дел од изјавата.Ахмети пред НАТО-самитот во Букурешт, на средбите на партиските лидери со државниот врв побара името „Република Македонија“ и во домашната официјална употреба, освен на кирилско писмо да биде напишано и на албански јазик со образложение дека според Уставот, освен македонскиот, албанскиот е втор службен јазик во Македонија. Тогаш не се открија детали како помина предлогот на Ахмети, кој автоматски ќе значи и промена на Уставот. Според наши извори, Ахмети и понатаму инсистира ДУИ и Албанците да бидат консултирани за името на земјава. Образложението било дека не смее да се дозволи проблемот со името од меѓународен да стане домашен, меѓуетнички проблем.
НА СРЕДБИ СО БАКОЈАНИ
Медиумите во континуитет информираа за средбите на Ахмети со министерката за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и со други грчки политичари, на кои, тој ги уверувал дека ДУИ нема да прифати ниедно име, затоа што во преговорите не се вклучени и претставници на Албанците.Неодамна Ахмети за албанската телевизија „Топ ченел“ рекол дека „во македонската историја има многу противречности и треба да бидеш будала за да не разбереш дека ако си Словен, не можеш да бидеш Македонец и да го присвојуваш Александар Македонски“. На изјавата на Ахмети вчера реагира само Светскиот македонски конгрес, кој го предупреди дека не смее да гази по светоста на Македонците и по името на државата. Ако Ахмети за резултатите од прегласувањето на вонредните парламентарни избори вели дека никој не може да ја победи волјата на народот, со кое право во односите со Атина нуди компромис за државното име Македонија што ќе ги земе предвид „историската, географската и културната чувствителност на јужниот сосед“. Тој ја заборава волјата на мнозинскиот македонски народ од референдумот на 8 септември 1991 година, со кој живее во државата Македонија. Тој ги заборава и сопствените етнички корени и дека Атина не признава никакви права на околу два милиона Албанци во Чемерија и во цела Грција - обвини Тодор Петров, претседател на СМК. Тој го обвини Ахмети дека со таквиот став ги дискриминира Македонците, и дека тоа не е во функција на развојот на Македонија и на зачувувањето на суверенитетот и на независноста на државата.
Мариела Трајковска |