ИЗДАВАЧИТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА САЕМОТ НА КНИГАТА
Хит-романи ќе ги запоседнат саемските штандови

Странски популарни романи, психолошки дела за подобар живот, енциклопедии, монографии, книги за деца и понекоја книга од домашен автор,ќе бидат застапени на меѓународниот Саем на книгата што ќе се одржи од 15 до 20 април, во „Метрополис арена“ на Сајмиште. Издавачите најавуваат многу попусти за време на Саемот, а подготвуваат и посебни програми за да ги привлечат читателите.Од „Матица македонска“, овој саем го најавуваат како генерална проба пред учеството на големиот меѓународен саем во Франкфурт. Ќе го промовираат делото „Скриена Македонија“ од Кристофер Делисо.Битно е што книгата ќе биде објавена, но исто толку е битно како таа ќе му биде претставена на читателот. Ќе видиме како ќе реагираат посетителите на нашиот стил за претставување на книгите. Ако е успешно, истото ќе го примениме и во Франкфурт, каде што борбата да се биде забележан е остра - вели Дејан Павлевски од „Матица македонска“.„Магор“ ќе понуди литература од домашни автори. Тие ќе претстават пет нови македонски дела, меѓу кои „Естетика на возвишеното“ од Иван Џепаровски, „ЈНА“ од Владимир Петрушевски, „Следејќи го сонот“ од Мендо Велјановски.Имаме автори чии дела може да им конкурираат на светските писателски имиња. Треба да му се даде голема поддршка на домашното творештво - смета Павлина Лазаревска од „Магор“.
ЌЕ НЕДОСТИГААТ СТРАНСКИ АВТОРИ ГОСТИ
Малкумина странски автори ќе дојдат на Саемот за да си ги промовираат своите дела. Книгоиздателствата се оправдуваат дека многу чини да се донесе автор од странство.Без гости ќе биде и „Темплум“, издавачка куќа што публиката ја препознаваше по современите европски автори на својот штанд. „Темплум“ годинава на читателите ќе им понуди пет нови наслови, меѓу кои ќе биде и „Лева комора“ од Оливера Николова. Кога некој познат автор е на штандот, тогаш читателите имаат причина повеќе да дојдат, да се запознаат со него, да добијат негов автограм или да купат негова книга. Сепак, за наши услови, тоа се' уште е потег што чини многу - вели Владимир Јанковски од „Темплум“.Сепак, од „Три“ најавуваат две гостувања. На нивниот штанд ќе присуствуваат Владислав Балац, а ќе биде промовиран неговиот роман „Книга за бамбусот“. Гостин ќе биде и астрологот Александар Имсирагиќ.Саемот не е саем без автори на штандовите. Тоа е настан на кој е неопходно да се оствари комуникација помеѓу читателите и писателите - вели Винка Саздова од „Три“.Од „Три“ годинава ќе понудат дваесетина нови романи, меѓу кои „Кога Ниче плачеше“ од Јалом Ирвин и „Дванаесет искушенија“ од Габриел Гарсија Маркес.
КНИГИТЕ ПОСКАПИ ЗА ЧИТАТЕЛИТЕ
Најзастапени цени на книгите ќе бидат 300, 350, 400 денари. Дел од постарите изданија ќе бидат достапни и по цени од 50, 100 и 150 денари. Читателите посакуваат пониски цени.Секое издание на саемот го гледам како шанса да купам поевтини книги, но тоа не се остварува секогаш. Попустите или се премногу мали или се напишани само како бројка. Цена на книга од 400 денари, или како што е напишано 399 денари, воопшто не е саемски попуст - Емилија Стојановска, студентка.Слично негодува и лекторката Елеонора Кировска.Саемот како настан на кој треба да видиме што е ново во литературата, не ги исполнува целосно тие очекувања. Се надевам дека ќе има многу нови книги и дека нема да се повторуваат изданијата што веќе повеќе години сме ги гледале на штандовите. Ако нема нови интересни наслови, тогаш и нема причина зошто да се оди таму - вели Кировска.
Издавачите бараат бесплатен влез
Бесплатен влез за сите посетители на Саемот, бараат повеќето издавачи зашто сметаат дека така ќе се зголеми посетеноста на манифестацијата.- За жал, годинава, нашите читатели ќе мора повторно да плаќаат за да видат што е најново во домашното и во светското творештво. Не успеавме во преговорите со „Скопски саем“, да издејствуваме влезот да е бесплатен - вели Христо Петревски од „Феникс“.Влезницата и годинава ќе чини 30 денари.
Тоше Огњанов |