Полемика
Беседа против беседата на г. Иларион
Имав можност да ја прочитам вдахновената беседа против абортусот на митрополитот брегалнички г. Иларион. Ужасувачкото имагинарно со кое оперира г. Иларион во оваа беседа има цел цврсто да го убеди читателот дека единствено исправна позиција во однос на ова прашање е неговата (а оваа, пак, е директен одраз на Божјата). Средновековната пропагандна тактика на митрополитот се состои од адека точноста на неговите обвинувања е несомнена, произлегува од очигледната увереност на г. Иларион дека ги има одговорите на најголемите метафизички прашања. Претпоставувам дека оваа негова увереност се темели на една друга цврста увереност - дека сознанијата што ги има се Божји, а не негови. Сепак, за да има такви јасни увиди во „ставовите“ на Бога, г. Иларион би морал да биде во непосредна комуникација со Него. Според мене, претенциозност и ароганција е да се говори во име на Бога, да се биде непоколебливо уверен дека ги поседувате непосредните и недвосмислено точни сознанија за тоа „што Бог мисли“. Но, тоа е само мое мислење.
Теолошкиот дискурс има свои правила, свои внатрешни механизми на легитимација кои во крајна линија се овозможени од - вербата, а таквата негова посебност го дефинира. Затоа и немам намера да го потценам и обесмислам во целина теолошкиот говор и неговите иманентни механизми на логицирање. Единствено сакам да ја осудам намерата на митрополитот да зборува во името на Бога, исто како што би ја осудила и претензијата на некој научник да говори во име на некаква апсолутна, универзална вистина во однос на големите метафизички прашања.
Јас можам да говорам единствено со термини на цивилизациските заложби за еднакви права меѓу мажите и жените. Правото на абортус е човеково право бидејќи на жената и' овозможува да одлучува за сопственото тело и животен избор. Жената што не сака или не може да биде мајка по слободна волја и не треба да стане тоа, не само заради себе, туку и заради потенцијалното дете. Мислењето на митрополитот дека абортустот и пред третиот месец од бременоста е некакво убиство е само тоа - мислење. Сосем различно, па и спротивно е научното мислење во однос на ова прашање. Трансценденталните аргументи за бесмртната душа населена во утобата на жената од денот на зачнување увреливи се само во рамките на целокупната трансцендентална изведба на тезата на митрополитот.
Имено, тешко веројатно е дека тие соодветствуваат со интимните, непосредни доживувања на жената или мажот „соучесник“ во абортусот во поглед на можноста во овој период од бременоста навистина да станува збор за формирана личност (душа). Студиите говорат дека искуствата се болни, трауматски токму поради абортираната можност од создавање и сведочење на раѓање на нов живот. Па, сепак, тоа што е трауматско е уништената можност, а не и актуелност на нов живот. Поттикнувањето на чувството на вина за чедоубиството е брутална теза и пропагандна алатка на митрополитот на свирепа осуда.
Г. Иларион не се ни обидува да ги разбере жените што морале да се одлучат на таков чин, не ни претпоставува дека искуството можеби било болно, но неизбежно. Тој автоматски претпоставува некаква декадентна саможивост и слепа свирепост на убиец.
Инквизиторскиот тон на индиферентност, на еднострано рецитирање на сопствената позиција без никаков знак на обид на идентификување (практикување љубов кон ближниот, па дури и кога овој е „грешник“) што го покажува во својата беседа г. Иларион е вознемирувачки анахрон. Современата теологија (а тука спаѓа и православната) произведува нови идеи што настојуваат да се сообразат со световната реалност. Позициите што комплетно ја исклучуваат оваа реалност и ја сведуваат на привид, измама произведена од Нечестивиот, вообичаено, се нарекуваат фундаменталистички.
Д-р Катерина Колозова, професор на постдипломски студии по филозофија и родова теорија
|