Писма
Белењето на антиквитетите
Повод за моето обраќање е статијата објавена во „Дневник“ на 05.02.08 на тема трговија со културното богатство и под наслов „Наши антиквитети во витрини во Америка“. Во неа, инспекторот за превентивна заштита во Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) ги дава генералните линии на движење на антиквитетите и основните шеми за нивното „белење“. Одлично дадено објаснување. Сепак, во статијата се провлекува една тема, многу интригантна, а на која не и' е посветено доволно внимание, а тоа е домашното колекционерство. Како што рече инспекторот за превентивна заштита од УЗКН, најголеми колекционери се богатите (некако, најчесто, моралот слабо оди заедно со парите - тие сакаат дома да си ги имаат антиквитетите, а не да одат во музеј за да ги видат! - па затоа ќе платат диви копачи, ќе се „накитат“ со фибули, со монети или со крстови, а потоа плати за некоја црква - или, подобро, изгради - застани побожно за света причеста по седум недели пост за Велигден и се' е простено!). Сепак, тука би сакала да ја развијам малку темата. Секој антиквитет се избелува преку колекционерите и пред да дојде до крајниот купувач на Запад поминува низ најмалку 5-6 раце: 1. обичниот див копач; 2. некој домашен колекционер; 3. домашен трговец; 4. странски трговец (овој е најчесто од „поситните“ риби, некој што го знае Балканот, често и со потекло од таму) кој го носи предметот кај поголем (5.) трговец со антиквитети кој може да го однесе во (6.) аукционерската куќа која „измислува“ потекло на предметот. Секако помеѓу 1 и 4 може да има уште неколку играчи. А она за што Македонија треба да се грижи пред се' е од 1 до 4 (иако не треба да се „провери“ одвреме-навреме што се наоѓа по светските музеи и да се обиде да се врати нешто за што сме сигурни дека е наше што е тешко, но не и невозможно). Во овој синџир најголема улога можеби играат колекционерите. Но, што е со домашните „Берлускониевци“? Зашто, додека на Запад е тешко да се „детектира“ нов предмет (купен на црно, па „избелен“ во неколку колекции), бидејќи зборуваме за држави во кои постојат колекционери уште од времето на ренесансата (крај на14 век!), за држави кои во 17, 18 и 19 век вршеле ископувања во Грција, Египет,Турција и на Блискиот Исток, во време кога археологот си носел со себе што ќе ископа, па дел задржувал, а дел давал на кралот. Иако ретки, на Запад постојат такви што може навистина за својата колекција да докажат (или барем за еден дел од неа) дека води потекло од колекцијата на некој благородник од 19 век. Но кај нас, ова не постои! Македонија нема благородници - нашите прабаби и дедовци, под јаремот на турското не изучувале археологија - во тоа време непозната на овие простори. Да им кажал некој на нашите прабаби да украдат (пардон, да земат или да го „платат“ оној што тоа го сторил и да приклучат кон својата колекција некој крст од среден век од некоја црква) ќе се свртеле кон иконата и пет пати „Оче наш“ ќе изговореле, бидејќи да земеш реликвија од црква би било богохулие за нив. Е, бидејќи нашите прабаби и прадедовци не биле колекционери, тогаш да ја испитаме ситуацијата за времето на Југославија. И тука нема приватни колекции. Барем не во Македонија. Додека на Запад е тешко да им се стави крај на колекционерите-измамници, баш поради долгогодишната традиција, кај нас работата е многу полесна - треба да се испитаат колекционерите од 1991 наваму, бидејќи пред тоа истите не постојат. Колекционер може да се стане (тука психолозите би го откриле синдромот „жабата и коњот“ или желба да се биде како благородниците од Запад, немајќи се реално основа за тоа - исто како што богатите исфрустрирани снобови во Америка се шетаат дома со кучиња од расата „мопс“ или „руски ’рт“ денеска, во 21 век само затоа што вакви кучиња гледале на платната на големите сликари кои ги сликале благородниците од Европа во 17 и 18 век!!), но ако се овозможи да се купуваат предмети на јавно организирана аукција.
Приватните колекции се докажуваат со публикации, а колку што ми е познато, немам сретнато во некоја публикација од времето на Југославија да стои дека некој предмет се наоѓа во приватна колекција. Потоа, приватните колекционери треба да го докажат потеклото на предметот, односно да се каже од каде е купен, на каква лицитација. Кај нас се јавуваат колекционери по 1991, значи по осамостојувањето (од овој датум почнува и се' помасовно присуство на пајонските монети, на пример, кои потекнуваат од територијата на Република Македонија на нумизматичките аукции од кои некои можат да се следат на интернет, што само потврдува дека нелегалните ископувања почнуваат од овој период). Сега и кај нас колекционерите почнуваат да објавуваат книги со предметите кои ги поседуваат. Но, види, интересно, не пишува дека ги купиле од аукционерска куќа од Швајцарија или Германија (во Македонија аукции не се организираат и не се ни организирале). Кај нас во таквите публикации ќе најдете „потекло Штипско или Светиниколско или Прилепско). Е токму тука е парадоксот! На Запад ако некој ја објави својата збирка и напише „потекло измирско или истанбулско“ Турците преку Интерпол ќе си ги вратат предметите. А кај нас ова поминува така мазно и без никакво тревожење. Значи, сите музеи од Македонија имаат правна основа да си ги побараат предметите од приватните колекции за кои стои дека потекнуваат од нивниот реон и УЗКН треба да стои зад нив. За ова може веднаш да се дејствува и да се добијат резултати - предмети вратени во музеите.
Марија Станковска-Ѕамали, докторанд на Универзитетот „Париз 4, Сорбона“
|