ИЗДАВАЧИТЕ СЕПАК не Ќе мора да бараат алтернативен простор за излоЖување
Саемот на книгата ќе се одржи во април
Наместо 27 евра за квадратен метар наемнина, „Скопски саем“ деновиве на издавачите им понудил цена пониска за 4 евра

Саемот на книгата годинава сепак ќе се одржи - од 15 до 20 април во „Метрополис арената“ на „Скопски саем“. Деновиве „Скопски саем“ им испратил понуда на издавачите во која, наместо првата - од 27 евра за квадратен метар, која беше неприфатлива за издавачите, цената ја спуштиле на 23 евра. Повеќето од книгоиздателствата рекоа дека се согласуваат да излагаат по таа цена за наемнина. Затоа издавачите почнаа забрзано да се подготвуваат за настапот пред домашната читателска публика. Повеќето од нив најавуваат дека на читателите ќе им понудат преводи на дела од странска литература, книги од наши автори што биле објавени од лани до денес, а на своите штандови како гости ќе имаат понекој домашен писател или поет. „Магор“ специјално за саемот ќе објави 16 нови книги, меѓу кои и „Естетика на возвишеното“ од Иван Џепаровски, „Три жени“ од Роберт Музил, „Неугодното во културата“ од Сигмунд Фројд. На посетителите ќе им ги понудат своите изданија со попусти и до 50 отсто. Како свои гости тие најавуваат претежно наши писатели како Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев, Никола Маџиров.
- Крајната цена од „Скопски саем“ сепак ќе ја прифатиме. Друг избор немаме, зашто засега во Скопје нема простор што би ги исполнил условите за таква саемска манифестација. Недозволиво е да не се одржи Саемот зашто, пред се', тој е наменет за читателите што тоа го користат како можност полесно да дојдат до квалитетни книги - вели Павлина Лазаревска од „Магор“. Од „Три“ ја прифаќаат цената, но сепак негодуваат што „Скопски саем“ им побарал целата сума за штандовите да ја платат однапред.
- Од сајмиште не' ставаат пред свршен чин. Знаат дека Саемот ни е битен и сега, откако се согласија на 23 евра, бараат парите да им ги платиме петнаесет дена порано. Со тоа ни ставаат ултиматум. За жал, немаме друг избор, па мораме и тоа да го прифатиме. Државата би требало тука да помогне, зашто секоја година се соочуваме со истиот проблем - вели Винка Саздова од „Три“. На штандот на „Три“ годинава гостин ќе биде Владислав Балац од Белград, чие дело „Книга за бамбусот“ ќе биде промовирано во текот на Саемот. Од таа издавачка куќа најавуваат и повеќе од 20 преводи на дела од современи автори. Книгоиздателството „Матица македонска“, за разлика од претходните настапи, годинава своите изданија ќе ги изложи на помал штанд. Оттаму како свои саемски фаворити ги најавуваат „Сталин - дворот на црвениот цар“ од Сајмон Сибаг Монтефиоре, како и превод на книгата „Скриена Македонија“ од американскиот патописец Кристофер Делисо.Книгоиздателството „Ми-Ан“ на своите читатели ќе им понуди енциклопедиски изданија за нашата историја, литература, култура, сегашност. Непосредно пред Саемот ќе ги објават енциклопедиите „Македонскиот 19 век (1800-1902)“, „Македонско средовековие“ и една енциклопедија посветена на нашето и на светското литературно творештво.
- Со делата што ќе ги објавиме за Саемот, се надеваме дека ќе му помогнеме на македонскиот читател да добие појасна претстава за период од нашата историја за кој се' уште малку се знае - велат од „Ми-Ан“.
Тоше Огњанов |