Истражувања на Римскиот форум во Стоби
Археолозите од Музејот на Македонија денеска ќе ги почнат годинашните ископувања на Римскиот форум во античкиот град Стоби. Тие ќе ја истражуваат внатрешноста на градбата, на еден од најголемите археолошки локалитети во земјава, што се наоѓа близу Градско.
Првиот дел од ископувањата ќе траат до крајот на јуни. Археолозите ќе продолжат да работат од август до октомври. Истражувањата ги финансира италијанската невладина организација ЦИСС од Палермо, во рамките на проектот „Археолошка и туристичка валоризација на античкиот град Стоби“.
Со истражувањата ќе раководи археологот Мила Шурбаноска, од Музејот на Македонија. Екипата ја сочинуваат археолозите Антонио Јакимовски и Горан Санев, архитектот Костадин Саздов, Мирослав Димовски, фотограф, Петар Ризов, препаратор и студенти од катедрата за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Наесен во истражувањата ќе бидат вклучени и експерти за мозаици и архитектонска декоративна пластика од Италија и од Палестина. Тогаш ќе почнат подготовките за реконструкција, конзервација и презентација на објектот што во римскиот период служел како плоштад.
Истражувањата на Римскиот форум почнаа во 2003 година. Објектот бил изграден во 2 век и активно функционирал и во 3 век. На минатогодишните ископувања археолозите открија два нови објекта, кои биле во функција на плоштадот. |