кражба на интелектуалната сопственост во Македонија (2) Македонски бренд, домашен фалсификат
Три милиони денари е највисоката парична казна за повреда на интелектуалната сопственост во Македонија за спорот меѓу прилепската и скопската пиварница за малото пивско шише од 0.33 литри

Во Македонија не се фалсификуваат само светски познатите брендови туку се прават копии и на познати македонски производи. Имитаторите го прават тоа со голема умешност, внимавајќи фалсификатот да биде тешко докажлив, а на прв поглед очигледен. Досега се пронајдени фалсификати на познатиот прашок за перење „гонг“, производ на скопскиот гигант-загубар ОХИС како и на прашокот „билјана“ од истата фирма. Имитации имало и на познатото средство за хигиена „глос“, кое го произведува „Алкалоид“.
Ова се познати случаи, но во судовите, далеку од очите на јавноста, се водат десетици спорови каде што фирми од Македонија меѓусебно се тужат за кражба на интелектуална сопственост. Споровите траат со години, а во тужбите се бара отштета во милионски суми. Сепак, досудените санкции се безмалку смешни ако се споредат со оние во западна Европа или пак во САД.
„Дневник“ дојде до информации за највисоката сума досудена за еден ваков случај во македонските судови. Станува збор за долгогодишен спор меѓу скопската и прилепската пиварница. Во центарот на случајот е малото пивско шише од 0,33 литри. На крајот, по една деценија низ судовите, „Прилепска пиварница“ е осудена на казна од три милиони денари за неовластено користење жиг. Поточно, за стаклената амбалажа во која се полни „скопско“ од 0,33 литри. „Скопска пивара“ неколкупати барала отштета во различна суми, но најниската е околу милион евра по основа на изгубена добивка. Тие барале и 20 милиони денари за нематеријална отштета, односно за повреда на деловниот углед за периодот од 1997 до 2004 година, но барањето било одбиено.
Застапник на „Скопска пивара“ во овој случај бил адвокатот Валентин Пепељугоски, еден од ретките во земјава специјализиран за оваа проблематика. Иако прилепчанец по потекло, овој познат адвокат ги бранел интересите на скопската фирма. Тој вели дека случајот бил многу тежок бидејќи имало проблеми во докажувањето колку пиво било наполнето во спорното шише. Поради тоа не можело да се докаже колкава штета претрпел неговиот клиент.
- Надлежните од „Прилепска пиварница“ ги уништија доказите, иако знаеја дека се води судска постапка. Поради тоа не можеше да се утврди колку пиво било наточено во малите шишиња кои „Скопска пивара“ ги има заштитено. Потоа, во завршните сметки тврдеа дека имале загуба. Кажете ми кој упорно би полнел и би продавал нешто 12 години ако работи со загуба - вели Пепељугоски.
Од друга страна, тужената“Прилепска пиварница“ се брани дека никогаш не пуштила во промет шише што имало ист изглед како шишето на скопските конкуренти. Тие тврдат дека нивното шише имало етикети, обележја и капаче, кои сосема се разликуваат од спорното. Според пресудата, „Прилепска пиварница“, покрај тоа што ја платила отштетата, морала да ги уништи и спорните шишиња.
Втор голем случај на кој работел адвокатот Пепељугоски е спорот меѓу двата големи тутунски комбинати од Скопје и од Прилеп. Прилепчанецот и овој пат ги бранел интересите на скопската фирма. Спорот се водел за брендот на цигарите „родео“ кои ги произведува Тутунскиот комбинат - Скопје. Прилепската фирма произведува друга марка цигари наречени „рондо“ чие претходно пакување по многу нешта наликуваше на она на брендот „родео“. Со пресудата на прилепскиот Комбинат му е наложено да ги смени амбалажата и изгледот на цигарите.
- И овој пат првостепената постапка се водеше во Основниот суд во Прилеп, односно на домашен терен, поради што постоеја притисоци. Тужените тврдеа дека „рондо“ по ништо не наликува на „родео“ и оти името и дизајнот се потполно различни. Но, само со еден поглед може да се види дека кутијата им служи како измама на купувачите бидејќи клучните елементи - бојата, дизајнот, изгледот на буквите и другите елементи се исти - вели адвокатот.Во овој процес, за потребите на судот е извршена и анкета меѓу потрошувачите при што дури деветмина одговориле дека им се случило да ги купат погрешните цигари.
- Има една американска студија според која потрошувачот не го фокусира погледот на одреден артикал повеќе од осум секунди. Тој само го скенира производот и не се задржува многу на деталите - вели Пепељугоски.Според него, во фалсификаторскиот бизнис најчесто се оди на визуелна измама.
Координативното тело за интелектуална сопственост од 26 април 2007 година до крајот на март годинава одзело околу 200.000 предмети и апарати што се користеле при производство на незаконски имитации и со кои е извршена повреда на авторско право. Одземени се уште 94.000 предмети со кои е повредено правото на индустриска сопственост, како и уште 218 компјутери и 42 машини за производство на фалсификати.
Судската статистика покажува дека во анализираниот период имало 27 случаи на одредени парични казни. Сега низ македонските судови во тек се 43 судски процеси од оваа област, а решени се 54 постапки. Кривични пријави има 20, а граѓански вкупно 34.
„Кокта“ најфалсификувана марка
Нашето истражување покажа дека едни од најфалсификуваните брендови во Македонија се оние на „Дрога - Колинска“ - особено брендот „кокта“. Фалсификати на овој познат освежителен пијалок можат да се најдат на секој чекор, а најчесто на шишињата има некоја придавка на зборот кокта, иако визуелно се идентични со оригиналот. Одговор за овој проблем добивме од „Дрога - Колинска“.
- Од една страна фалсификатите на успешните брендови може да се гледаат како одраз на признавање на квалитетот и на успешноста на робната марка, но тоа преставува и сериозно кршење на законите и загрозување на работата на компанијата. „Дрога - Колинска“ е единствен сопственик и произведувач на брендот „кокта“, кој се произведува по оригинален и заштитен рецепт.
Во Македонија ниту една фирма не е овластена за производство на „кокта“. Веќе со години наназад се соочуваме со проблемот со фалсификатите во Македонија. И покрај сериозните напори не можеме докрај да ја спречиме оваа појава, на пазарот се' уште има производи што ги злоупотребуваат називот и визуелниот идентитет на „кокта“- вели Милан Славински, корпоративен менаџер во „Дрога - Колинска“.
Царината наградена за борбата против фалсификатите
Царинската управа ја доби првата награда од Светската царинска организација за достигнување во борбата против фалсификувањето и пиратеријата. Наградата беше врачена на последната сесија на Советот на Светската царинска организација одржана на 26-ти и 27 минатиот месец во Брисел. Според генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија, македонската царина ја доби наградата за остварени највисоки резултати во заплена на фалсификувани стоки кои можат да влијаат врз здравјето на луѓето и врз нивната безбедност, како што се паста за заби, прашок за перење, автомобилски делови и слично.
Горан Ризаов,Александар Манасиев
(В понеделник „ 'Гугл' во битка со Бени од Чаир“)
|