„ДНЕВНИК“ ВО ВИРТУЕЛНИОТ СВЕТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ГЕЈМЕРИ
Оставаат девојки и работа за да играат
Сесиите на „Варкрафт“, најзаразната игра, која некои гејмери ја нарекуваат дело на ѓаволот,се долги а засега неславниот рекорд во непрекинато играње го држи момче од Скопје, кое играло 72 часа

Напуштени работни места, квадрирање и запоставени студии и раскинати љубовни врски се цената што ја плаќаат најзагрозените македонски гејмери за паралелен живот во виртуелниот свет на видеоигрите.Со развојот на технологијата, достапноста на конзолите и персоналните компјутери, видеоигрите стануваат доминантен вид на забава за младите, што предизвика дебата во научните кругови, кои постојано предупредуваат дека оваа забава лесно се претвора во зависност.„Кантер страјк“, „Ворлд оф Варкрафт“, „Кал оф дјути“ се само некои од најпознатите онлајн-игри со кои голем број луѓе го пополнуваат своето време, често занемарувајќи ги обврските во реалниот свет.Јавноста често ги осудува играчниците, сметајќи ги за губење време, но за гејмерите, интернет-кафулињата се места на кои меѓусебно се запознаваат и стекнуваат нови пријатели. Иако нема точни податоци, се претпоставува дека гејмерската заедница во Македонија ја сочинуваат над 100.000 луѓе, а старосната граница е од 8 до 49 години.
ПАРАЛЕЛЕН СВЕТ
Филип и Игор, двајца студенти од Скопје, за „Дневник“ го откриваат светот на гејмерите, луѓе за кои видеоигрите претставуваат нешто многу повеќе од забава.Сите во заедницата имаат двоен идентитет, ник (прекар) по кој се препознаваат. Речиси секое интернет-кафуле има свои постојани играчи. Распоредени сме во тимови и играме онлајн. Има викање, пцости, прекорување, за оној што ќе згреши, но сето тоа е дел од играта. Таму ја испукуваме негативната енергија - вели 19-годишниот Филип, додавајќи оти вообичаено играат по шест часа на ден.Игор (22) наведува дека за да се стекне статус на гејмер не се важни полот, годините, националноста, образованието и социјалниот статус. Единственото нешто што те прави прифатлив за заедницата е колку добро играш и како се однесуваш кон другите гејмери - вели момчето.Гејмерите, според поминатото време во играчниците, добиваат повластени цени и подобра опрема. Еден час играње чини 40 денари, а привилегии се стекнуваат ако се стане регистриран корисник на кафулето, по што цената се намалува на 30 денари.
По насобрани 200 часа играње гејмерот добива ВИП-статус, подобра опрема и цената паѓа на 20 денари од час.Обајцата признаваат дека играњето им одзема доста време и има одредено негативно влијание врз нивните животи, но тврдат оти успеваат да ги извршат и останатите обврски.Заради играњето квадрирав. Но сега подобро си го организирам времето и убеден сум дека нема повторно да ми случи истото - вели Игор, кој сепак призна дека спие само четири до пет часа дневно.Во Скопје сега се актуелни ДОТА и „Кантерстрајк“. Се играат во тимови и гејмерите ги сметаат за друштвени игри.„Ворлд оф Варкрафт“ е најопасната. Таа е индивидуална, создава огромна зависност и одзема премногу време. Ја играв три години и одвај успеав да ја откачам - рече Филип.Игор, пак, ја нарекува дело на ѓаволот. Таа игра е сотонска работа. Со својот лик живееш во виртуелен свет и водиш паралелен живот. Се игра од три до 10 часа дневно. Ништо друго не те интересира освен светот на „Варкрафт“. Познавам луѓе што целосно запоставиле студии, девојка, пријатели, па и напуштиле работно место заради играта. Тие се затвораат во себе и се изолираат од останатите. Стануваат чудни - додава тој.
НАСИЛНИТЕ ИГРИ ПРЕДИЗВИКУВААТ АГРЕСИЈA
Сесиите на „Варкрафт“ се долги, а засега неславниот рекорд во непрекинато играње го држи момче од Скопје кое играло 72 часа. Има и полоши случаи. Наш пријател дојде да студира во Скопје, но наместо на факултет, годината ја помина во играчница. Таму и јадеше и спиеше. Целосно запостави се' и на крајот мораше да се врати во родниот град - вели Филип.Дваесет и четиригодишно момче, кое се претставува под никот Гоуст дог, вели дека една од посилните причини поради кои раскинал врска со девојка била играта „Светот на Варкрафт“. Ми се случуваше да играм и по 60 часа без прекин. Но, никогаш нема да прекинам со гејмингот. Играм секој ден. Ми се допаѓа и ништо не може да ме спречи. Ќе играм и на 50 години - вели Гоуст дог.Д-р Марија Ралева, шеф на одделението за детска и адолесцентна психијатрија, предупредува дека, ако не се внимава, гејмингот лесно може да се претвори во зависност. Децата и младите луѓе во ова дигитално општество потребата за игра ја реализираат преку видеоигрите. Ваквата активност емоционално ги растоварува и преку неа се справуваат со стравот и непознатото.
Преку игрите изнаоѓаат креативни решенија и остваруваат комуникација - вели Ралева.Психијатарот, сепак, додава дека видеоигрите не се безопасни, бидејќи динамиката на играта го прави гејмерот несвесен за времето, а новите игри се толку интерактивни што ги преплавуваат играчите и им создаваат нов виртуелен свет. Мнозинството од популарните игри се насилни, што доведува до почести агресивни испади кај гејмерите. Со соживувањето со ликот се развиваат деструктивни и агресивни особини, а претераното играње доведува до расеаност и невнимание - вели таа.Лекарот истакнува дека треба особено да се внимава на помалите деца, кај кои зависноста од видеоигри може да претставува основа за понатамошни психолошки нарушувања. Како и гледањето телевизија, родителите треба да го дозираат гејмингот за децата. Тие дома се чувствуваат сигурни додека детето игра на компјутер, но ваквата долгорочна активност носи последици - објасни Ралева.
Фото: Дарио Јанковиќ |