прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
среда, 20 декември 2006    
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Култура

ЗАПОСТАВен НАЈПОЗНАТИОТ НЕОЛИТСКИ ЛОКАЛИТЕТ

Тумба-Маџари четврт век чека да стане споменик

Голема загуба е локалитетот да нема истражувања, археолошка школа, организирани едукативни посети за деца кои ќе се запознаваат со културното наследство, вели археологот Драгиша Здравковски

Тумба-Маџари, најпознатиот неолитски локалитет во земјава, 25 години не е прогласен за споменик на културата, најмногу поради бирократски процедури и административни задршки. Локалитетот во скопската населба Маџари е заведен, но четврт век не била завршена процедурата со која ќе биде прогласен за споменик на културата. Сепак, тоа не значи дека законот не го штити локалитетот, објаснуваат заштитувачите на културното наследство. Локалитетот на кој луѓето живееле од 5800 до 5300 година пред новата ера на пошироката јавност и' е познат по жртвеникот посветен на Големата Мајка, симболот на Скопје.

- Тумба-Маџари е сигурно заведен како споменик на културата и има решение во Музејот на Македонија. Не се довршени процедурите зашто се' уште се истражува. Можеби имало некаква „влечкачка“ ситуација во нашите институциите, па не било сосема завршено - вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Според поранешните правила, секоја институција, надлежна за одреден локалитет сама ги донесувала решенијата за споменичен статус. Решенијата потоа се испраќале во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата за да ги потврди.

- Законот секако го штити локалитетот. Откако ќе почнат археолошките истражувања, ќе се донесе првото решение за ископување и кога ќе се напише првиот извештај, локалитетот е автоматски под заштита. Конечната процедура е поинаква - објаснува Кузман.

Според Законот за заштита на културното наследство (кој почна да се применува пред две години) Тумба-Маџари и сите други археолошки локалитети ќе бидат категоризирани откако ќе заврши процесот на валоризација и ревалоризација на културното наследство.

Археологот Драгиша Здравковски, кустос-советник во Музејот на Македонија, кој со години вршеше археолошки истражувања на скопското наоѓалиште, вели дека не разбира како можела државата 25 години да не најде време за да го прогласи најпознатиот неолитски локалитет за споменик на културата.

Според Здравковски, на локалитетот веќе три години не се вршат археолошки истражувања, иако е многу е лесно од него да се направи археолошка атракција, какви што постојат секаде во светот.

- Локалитетот, кој треба да биде приоритет на општината, градот и на државата, веќе неколку години не се истражува, иако таму континуирано, со мали прекини, се вршат археолошки истражува уште од 1981 година. Голема загуба е локалитетот што се наоѓа среде главниот град и е лесно достапен, да нема истражувања, археолошка школа, организирани едукативни посети за деца кои ќе се запознаваат со културното наследство на својата земја. Кога постоела, населбата била на највисоко културно ниво. Тоа е централен локалитет на скопската котлина, кој се наоѓал на периферијата на Катлановско Езеро. Десетината околни локалитети од тоа време комуницирале со Тумба-Маџари, во културна смисла. Истражени се вкупно 8 куќи со сиот инвентар. За жал, на интернет не може да најдете ниту еден податок за локалитетот, освен во стручната литература. Фестивалот Скопско лето да не ја ставеше Големата Мајка како свој заштитен знак веројатно ќе останеше непозната - објаснува Здравковски.

Тој смета дека треба да се обнови идејата „Тумба-Маџари“ комплетно да се истражи и да се направи Музеј „ин ситу“ - неолитско село. Локалитетот е погоден за едукација, бидејќи се наоѓа во близина на Детското село и за развој на културниот туризам, зашто е сместен до автопатот, на влезот во Скопје. Тоа не би чинело многу многу, зашто реконструкцијата на куќите ќе се прави со автентичен материјал - земја, дрво и кал. Локалитетот треба само да се огради, да се постави билетарница и тоалет.

- Вакви музеи се бренд секаде во светот. Најмногу полза ќе имаат 200.000 деца што со свои очи ќе ја видат неолитската култура. Ова е стара идеја, но никако да дојде на дневен ред. Градот културно се развива, се зголемуваат и неговите културни потреби. Штета е да не се искористи локалитетот, кој нема никакви правни спорови, а може да работи секоја година од април до ноември - вели Здравковски.

Во Министерството за култура велат дека со ревалоризацијата што се спроведува во заводите и во музеите, Тумба-Маџари ќе си го добие заслуженото место како културно наследство од особено значење.

- Во програмата на ова Министерство е да се зголеми рејтингот во културата. Меѓу другото, ќе работиме и на промовирањето на локалитетот Тумба-Маџари - велат во ресорното министерство.

Весна Ивановска


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт