прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
   
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Македонија

АНТОНИО МИЛОШОСКИ

Ќе бидам искрен министер, без разлика на цената

Пораките или критиките од Брисел поранешната министерка ги претставуваше како поддршка, што ни нанесува штета, јас нема да работам така, напротив, ќе бидам искрен, вели Милошоски кој најавува сосема поинаков пристап кон дијаспората, а особено во билатералните односи со соседите 

Нема ниту една причина новата Влада да не направи сериозен обид да развива поблиски односи со Германија, која може да биде лобист за намерите на Македонија да стане дел од НАТО и од ЕУ, вели новиот шеф на дипломатијата Антонио Милошоски. Тој најавува дека ќе ги искористи придобивките од својот престој во Германија, каде што „спечалил“ една магистерска диплома, уште еден странски јазик, многу пријатели и можност да созрее, како и некои од неговите контакти од академската сфера.

* Штотуку влеговте во кабинетот во Министерството за надворешни работи. Знаете ли точно што Ве очекува во оваа жешка фотелја, но и што може Вие да очекувате од МНР? Мислите ли дека оваа функција може да Ве исполни, може да Ви овозможи да покажете што се' знаете и умеете или Ве плаши?

- Да ме плашеше, немаше да прифатам. Никој не може да биде натеран да работи нешто што не сака. Јас сакам да бидам дел од Владата и уште повеќе сакав да бидам во оној дел што ќе треба да ја претставува Македонија и ќе може да помогне во однос на евроинтеграциите. Ова е за мене сериозен ангажман, мојот досега најголем предизвик и ќе дадам се' од себе за оваа функција солидно да ја извршувам.

Според она што го знам, постојан проблем со кој се соочувале сите претходни министри е недостиг од финансии и проблеми со внатрешната организација, која мислам дека на моменти дејствува демотивирачки врз вработените и тие не можат да го дадат максимумот. Демотивирачки е тоа што во МНР досега принципот на трудољубивост, влог и сериозен ангажман во работата можеби бил еден од последните според кој определени кадри во МНР добивале можност понатаму својата кариера на дипломатски план да ја реализираат надвор, во дипломатско-конзуларните претставништва.

* Но не се само луѓето во ДКП-ата, потребни се и луѓе што тука ќе ја вршат работата, а не МНР да биде само чекалница за заминување во странство?

- Мислам дека работата овде ќе треба да се заврши и најдобро ќе биде да се работи со конкретни задачи и рокови, но и да се зголеми иницијативноста на вработените. Значи, министерот треба да биде политичарот во МНР кој ќе ги дава генералните насоки, а администрацијата треба да нуди алтернативни одлуки врз основа на една заземена политичка насока.

* Значи ли тоа дека исклучувате каква било партизација на Министерството?

- Во МНР досега, во изминатите години од 1945 наваму, немало министер што доаѓал од редовите на ВМРО-ДПМНЕ па така, ако зборуваме за каква било партизација што можеби постои, тоа треба да се види, не би сакал да влегувам однапред со предрасуди. Мислам дека на МНР во секој случај му треба зајакнување, затоа што Македонија е во понапредна фаза во однос на ЕУ и НАТО и ако сакаме сериозно да одговориме на обврските, мораме во МНР да создадеме услови за влегување нови свежи млади кадри.


СВЕЖА КРВ И ИСКУСТВО

* Во изминатите неколку години имаше најголем одлив на дипломати од кариера. Како ќе го спречите тоа и имате ли воопшто интерес да нема континуитет во овој одлив на кадри, бидејќи факт е дека МНР најмалку се подмладува?

- Точно дека на ова министерство му треба свежа крв, а секако дека е штета доколку се испушти еден искусен дипломат со ранг на амбасадор кој има желба да даде придонес во МНР. Нормално, не може секој да биде принуден да остане дел од МНР, но барем тие што сакаат, може и треба да се искористат. Ако нема системски можности, давајќи им место во некој сектор, може определен амбасадор да биде, на некој начин, надворешен соработник на Министерството по определено прашање. Штета е кадрите во кои инвестирала државата да не бидат ангажирани.

* На функцијата стапивте како досега најмлад министер за надворешни работи. Дали тоа го сметате за предност или за хендикеп?

- Идеите и паметта не се во брчките и годините, туку во главата и во мотивацијата.

* Според експозето на премиерот Никола Груевски, во надворешната политика на оваа влада веројатно треба да се очекува континуитет. Кои ќе бидат ударните точки на стратегијата на надворешната политика?

- Најголемата предност во однос на МНР како ресор е тоа што нашите државни приоритети се определени и што ниеден релевантен политички субјект не се противи на тоа. Без разлика дали доаѓаат од левицата или од десницата, сите ние имаме постигнато сериозна и висока согласност дека ЕУ и НАТО се нашите приоритети. Она во што ќе вложиме најголема динамика веднаш е НАТО, а потоа ЕУ. Иако тие две цели се комплементарни и не се исклучуваат една со друга, се покажа дека НАТО е првата станица каде што стигнуваат сите земји што тргнале кон ЕУ.

* Значи ли тоа дека го продолжувате она што го работеа вашите претходници, иако многу често слушавме забелешки и од вас и од вашата партија дека надворешната политика лошо се води?

- Беа направени многу грешки. На пример, Македонија имаше можност, доколку беше позрело организирана внатре, особено во однос на изборните процеси (локални и претседателски избори), да добие во исто време и статус на кандидат и датум за преговори. Но бидејќи ние внатре ги направивме тие грешки, нашата надворешна политика направи еден половичен успех, наместо покомплетен. Втората грешка е што досегашната влада сепак не успеа да премине преку искушението, особено во важните стратегиски центри, да му даде предност на квалитетот наспроти партиската припадност.

Имаше грешки и во однос на неискреноста во однос на нашите позиции со нашите партнери, особено во Брисел. Претходната министерка два или три пати си дозволи она што искрено и' било соопштено како недостаток или прекор, условно речено за она што ние сме или не сме го сработиле, во јавноста да го претстави како поддршка и набрзо по секој таков избрзан чекор таа беше демантирана. Тоа создава лош впечаток не само во нашата јавност, туку поголема е штетата што така се нагризува кредибилитетот на нашата дипломатија, односно на нејзиниот шеф и мислам дека тоа не смее да се случува. Мислам дека министерот нема ништо да загуби доколку биде искрен во јавноста, и наша и меѓународна.

Јас ќе бидам искрен. Дури и по висока цена, зашто мислам дека неискреноста е поскапа од која било искреност, колку и да е таа болна или неприфатлива за јавноста.

* Имате ли намера да вратите некои од актуелните амбасадори, ако се процени дека не ги извршуваат работите?

- Во некои држави тоа е практика, мислам дека е така во САД, а и во Полска, амбасадорите при секој избор на нова влада, односно нов претседател, потпишуваат бланко-оставка што му ја понудуваат на претседателот или на владата. Кај нас тоа би бил прилично револуционерен систем, кој би предизвикал многу контроверзи и не би поминал без поголеми потреси, па мислам дека не би оделе на таква радикална мерка.

* Најавивте засилување на јавната дипломатија, но имаше најави и за „културни амбасадори“ на земјава. Зошто баш ваква дипломатија, може ли таа да направи повеќе од таканаречената државна дипломатија?

- Државната дипломатија е комуникација на влада со влада, министер со министер и тука отприлика завршува, нејзиниот дострел, нејзината цел е токму комуникација со другата држава. Јавната дипломатија, пак, има за цел контакт меѓу нашата влада и јавноста во друга држава. Јавното мислење во секоја држава е еден од факторите што влијаат на донесувањето одлуки на владата во таа држава. Има многу методи и планирам, наместо ексклузивна задача на МНР, тоа да биде координирана стратегија што би ја предложило МНР, но да се вклучат министерствата за економија, особено инвестиции и делот за туризам, за културна промоција на културните вредности и соработка со двајцата министри задолжени за инвестициона промоција на Македонија. Сите заедно мора да изградиме стратегија, мора да дефинираме, исковаме една порака и да определиме земји кон кои ќе се насочиме со рок и динамика за реализирање, со цел: подобрување на имиџот на Македонија во секој поглед. Дека тоа е нормална земја, дека е мала земја, дека е интересна за инвестирање, дека е земја во која 300 дена во годината има сонце, земја на културни вредности.

НА МАКЕДОНЦИТЕ  ИМ ТРЕБА ВНИМАНИЕ

* Новата Влада веќе најави посилни контакти со македонската дијаспора. Досега МПЦ „ги предводеше“ контактите со дијаспората, а епархиите го имаа главниот збор во стратегијата. Мислите ли дека нешто треба да се измени во тој пристап и што?

- За дијаспората, имаме намера да смениме многу. Првата работа е овозможување на дијаспората да гласа на избори, тоа е воспоставување на една жива врска што дијаспората ќе ја прави помотивирана да има контакти со Македонија, а од друга страна, сите партии да бидат позаинтересирани за дијаспората, зашто тоа ќе биде мал, но сепак потенцијал што ќе значи многу за секого. Тоа повлекува големи промени, но не можеме да очекуваме дека дијаспората посилно би ја поврзале со Македонија без големи промени.

Можноста да гласаат не значи дека е доволно да се привлечат како инвеститори, но тоа е предуслов за тие да размислуваат за Македонија на посериозен начин. А ако тој се исполни, полесно ќе оди со сите други активности поврзани со Македонија.

* Внимание им недостига и на Македонците во соседството. Имате ли некакви планови што се однесуваат на македонското национално малцинство во соседните земји и подобрување на неговата положба?

- Во однос на малцинските прашања на Балканот, мислам дека нема подобро што може да им се случи на организациите отколку земјата во која живеат да е членка на ЕУ или сака да стане членка на ЕУ. Македонското малцинство во Грција, на пример, е во многу подобра положба отколку пред 20 години и, иако не е идеална, според „Виножито“, на пример, полека но сигурно се подобрува. Токму заради тоа што тие организации научија како да ги користат механизмите што ги нуди ЕУ.

Но Македонија може и смее во билатералните односи со соседните држави на едно пристојно ниво, без намера да предизвика конфликт или вознемирување, да лобира, да се интересира и да ги охрабрува соседите да ги задоволат сите европски критериуми во однос на малцинските права. Тоа ќе биде политиката на оваа влада.

* Во експозето на премиерот, во делот за надворешната политика немаше ниту збор за Косово и тоа во година што е клучна за решавање на тоа прашање. Со каков став ќе настапите, бидејќи тоа прашање е од исклучителна важност за Македонија?

- За нас е особено важно бидејќи сме соседи. Мислам дека Македонија нема да си преземе една таква амбициозна обврска директно да влијае на решавањето на статусот на Косово, зашто тука меѓународната заедница веќе ги определи главните актери, тоа се меѓународната заедница, Приштина и Белград. За нас се важни три работи: прво, конечниот статус сепак да биде одраз на волјата на мнозинството граѓани што живеат на Косово; второ, да биде сепак заеднички договор на трите страни и трето, финалниот статус да ја поттикне а не да ја наруши стабилноста во регионот.

Демаркацијата е во третиот критериум, кој ние се надеваме дека ќе биде задоволен. Тоа значи дека демаркацијата на границата е една можност плус за Косово да покаже дека тие навистина сакаат да придонесат за стабилноста во регионот, а предуслов за тоа е почитување на меѓународно признатите граници. Косовското раководство има можност да демонстрира зрелост во однос на регионалната стабилност.

Моја проценка е дека Македонија не е во можност или барем досега не си создала позиција што ќе и' овозможи демаркација на границата пред решавањето на статусот на Косово. Ние би биле задоволни доколку демаркацијата на границата кон Косово биде дел од пакетот за конечниот статус на Косово. Тоа навистина ќе го сметаме за успех.


Не можеме да се откажеме од името

* Вашата изјава и изјавата на премиерот Груевски за името веќе ја предизвикаа официјална Грција да реагира и да излезе со став дека се водат преговори за име на Македонија за меѓународна употреба. Како ќе ги водите преговорите понатаму, со каква стратегија?

- Ние не би сакале да брануваме. Тоа е нашата политика. Не сакаме да брануваме околу разликите за името и да ги дразниме емоциите на Грција. Но сакаме да напоменеме едно нешто: како што човек не може да се откаже од сопствената сенка, така Македонија не може да се откаже од сопственото име. Разлики нема во однос на употребата на уставното име меѓу Македонија и Русија, меѓу Скопје и Вашингтон и други земји, туку разлики постојат на релација Скопје - Атина и треба да се продолжи со конструктивен пристап во разговорите за да се изнајде заедничко решение.

* Со таквата стратегија и став се чини дека нема напредок. Грција побара поефикасни преговори. Што значи „поефикасни преговори“?

- Јас мислам дека има напредок. Последниот официјален предлог на почитуваниот Нимиц, без оглед што Грција го отфрли, сепак може да се третира како напредок. Значи, нешто се движи во таа работа и мислам дека и понатаму ќе продолжи да се движи. Не очекуваме ниту, пак, си задаваме безалтернативен приоритет дека името треба да се реши за шест месеци или за една година, ако оваа работа траела определено време, 15 години и притоа се изнашол механизам таа да не биде пречка во развојот на пријателските односи со Грција, особено на економски план. Мислам дека приоритет треба да е она што не' поврзува и да соработуваме. Не гледаме причина зошто Атина, која исто има добри и пријателски односи со Вашингтон, не би имала разбирање за ставот на САД, кој тврди дека уставното име на Македонија ја зајакнува нашата внатрешна кохезија, го зајакнува потенцијалот за стабилност на Македонија и со тоа придонесува за стабилноста на регионот.

Нашата цел е да се надминат историските разлики, со намера оваа реалност, која добро функционира на билатерален план со Атина, да стане еден стабилен мост кој нема да биде од ништо нарушен.

Жана П.Божиновска


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт