Туристи пробаа еколошко вино

Прва винска туристичка тура во винарија што произведува органско вино во Македонија, беше организирана викендов од винарницата „Грков“ под Кожув. Неколку десетици туристи, туристички работници и дегустатори ја посетија винарската визба, која се разликува од другите по тоа што е изградена на над 500 метри надморска височина, среде лозја, во чиста еколошка средина. Сопственикот Јован Грков вели дека ќе продолжат со производство на најразлични органски производи без пестициди, со цел да привлечат што повеќе туристи.Органското вино е трипати поскапо на светските пазари од конвенционалното, а едно шише чини најмалку десет евра - истакна тој. Американецот Џејсон Микел смета дека виното е националното богатство на Македонија, а винскиот туризам нејзина добитна комбинација. За него, најдобри се македонските вина „вранец“ и „темјаника“, кои треба поагресивно да му се претстават на светот.И Кристофер Делисо, Американец што живее во Македонија, беше воодушевен од виното на Гркови. Авторот на туристичкиот прирачник наменет за Западен Балкан ги повика властите да му дадат логистичка поддршка на винскиот туризам во земјава. На овдешната јавност и' е познат по патописната книга „Скриена Македонија“.
(С.Д.) Фото: Светлана Дарудова |