НОВ ПАСОШ - НОВО ПИСМО
Кирилица-латиница
Не прифатив и останав прекрстен од страна на државата без моја волја, како и многу други мои сограѓани во чии имиња и презимиња ги има буквите: ж, ќ, ч, џ и ш. Си реков, во моето презиме проблем е само една буква, а како ли изгледаат нивните презимиња напишани со латиница со повеќе такви „проблематични“ букви

Со големо внимание и интерес ја прочитав колумната на Жарко Трајаноски во „Дневник“ во октомври, под наслов „Нов пасош, нов идентитет“. Се присетив и на написот во „Време“ од госпоѓа Симона Груевска-Маџоска, научен соработник во ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, под наслов „Кирилица-латиница“. Господин Трајаноски со право се жалеше, зашто државата решила да му го промени личното име во пасошот. Госпоѓа Груевска-Маџоска го препорачуваше пренесувањето на македонското писмо со латиница врз основа на некаков предлог од 2001 објавен во Билтенот на Советот за македонски јазик (бр. 3). Таа не спомена како ова прашање е решено во Правописот на македонскиот литературен јазик, кој, колку што ми е познато, се' уште е во важност. Последното коригирано издание, подготвено од група автори под редакција на Тодор Димитровски, е од 2007 г.
Размислувајќи за проблемот, се присетив на кажувањата на наши граѓани што живеат во странство и кои добиле нови македонски пасоши во кои не можеле да си ги препознаат своите дотогашни имиња или презимиња. Изненадувањето им било уште поголемо кога почнале да наидуваат на проблеми зашто имињата напишани во нивните странски документи (за престој, за работа, дипломи и сл.) не се согласувале со новото испишување на нивните имиња во македонските пасоши. Сите изјавуваа: подобро да ги оставеше државата со имиња и презимиња во кои ќе нема знаци над буквите `, }, ~, d`ћ и {, отколку тие букви да се пишуваат на нов начин, со по две или три букви за еден глас.
Во објаснувањето на проблемот ќе тргнам и од мојот случај. И јас имам сличен проблем како и Трајаноски. Разликата е во тоа што мојот проблем е со презимето. Во сите досегашни мои пасоши и други документи напишани на латиница, а издадени од наши органи, стоеше Za{ov. Во документите издадени од странски органи стоеше Zasov. Порано МВР го почитуваше решението од Правописот на македонскиот литературен јазик за предавање на македонското писмо со латиница и буквата ш ја пренесуваше со латинската буква {.
Вакво решение произлегува и од Резолуцијата усвоена од Третата конференција за стандардизација на географските имиња, одржана во 1977 година во Атина, кога е усвоена Резолуција за пренесување на македонската кирилица со латиница. Проблемот со латинизирањето на географските имиња, поточно речено, нивното предавање од македонска кирилица (но и од другите кирилици: српска, бугарска, руска) на латиница е ист или сличен со пишувањето на личните имиња со латиница. Постојат утврдени со резолуции на ООН, верификувани начини на пренесување на кирилските писма на латиница. Тие се користат при пишувањето на латиница на географските имиња од земјите што се служат со кирилица или со некоја друга азбука, а соодветно и при пишувањето на имињата на луѓето.
И јас, како и Трајаноски, решив да добијам нов пасош. Прво го сменив обичниот, т.н. граѓански пасош. Бев замолен да потврдам со потпис дали податоците во формуларот што се отчитуваше на компјутерот се точни. Кога го видов моето англицизирано презиме, се побунив. Реков, како може да се менува нешто што сум го имал 60 години и сега од Za{ov се трансформирам во Zashov. Истото ми го беа направиле и техничарите во Собранието кога станав пратеник. И таму, без моја согласност, бев прекрстен во Zashov. На мое барање го сменија во Zasov. Некои тогашни мои колеги, меѓу кои и госпоѓа Шекеринска, не реагираа на ист начин како мене.
Техничарот во МВР, извинувајќи се, ми објасни дека е така според некој меѓународен систем прифатен од наша страна и ако за буквата { стави нешто друго, а не sh, системот не го прифаќа. Но, додаде, има решение да го ставиме вашето Za{ov покрај она Zashov. Прифатив без да се распрашувам за суштината на предлогот. И така во мојот нов пасош сега сум со презиме испишано на два начина: Zashov/Za{ov, но на крајот на страницата со податоците за презимето по кодот сепак стои само Zashov. Си реков, подобро така, зашто барем ќе има некој премин, споредба како било досега и како ќе биде во иднина.
Во јули решив да го заменам мојот тогашен дипломатски пасош (поради промената на функцијата). И пак иста работа. Компјутерскиот систем на МВР не го примаше моето шеесет години старо презиме Za{ov, туку „инсистираше“ само на Zashov. Пак прашање и пак објаснување. Компјутерот беше тврдоглав и не ја прифаќаше ниту формата Zasov. Техничарот во МВР ми вели дека ќе напише Za{ov ако потпишам дека сум Србин односно дека мајчиниот јазик ми е српски. Е тогаш не прифатив и останав прекрстен од страна на државата без моја волја, како и многу други мои сограѓани во чии имиња и презимиња ги има буквите: ж, ќ, ч, џ и ш. Си реков, во моето презиме проблем е само една буква, а како ли изгледаат нивните презимиња напишани со латиница со повеќе такви „проблематични“ букви.
Не знам кој одлучил предавањето на македонското писмо со латиница при пишувањето на имињата и презимињата во патните исправи да се врши со англиската латиница во која нема дијактрички знаци. Дали тоа е направено со одлука на надлежен орган? Дали Советот за македонски јазик предложил промена на досегашното правописно правило при предавањето на македонското писмо со латиница и дали е тоа усвоено во Правописот на македонскиот литературен јазик?
Дали можеби сме зеле таква обврска во рамките на нашето приближување кон ЕУ? Ова е премногу сериозна работа за да нема формална одлука на надлежен орган. Или можеби има, а не ја знаеме. Граѓаните имаат право да знаат, да негодуваат, да се лутат на оној што ги преименува, во некои случаи до тој степен да не си го препознаваат своето име или презиме. Во Правописот што се продава во книжарниците, предавањето на македонското писмо со латиница е поинакво. Таму дури има и решение за пишување на латиница без дијактрички знаци. Дали тоа решение е добро не знам или барем не сум сигурен.
И на крајот, да потсетам дека она што госпоѓа Груевска-Маџоска во својот напис го вели дека новиот предлог е многу поприфатлив од српско-хрватската латиница со која се служевме порано, всушност и не е само предлог. Тоа е, како што се гледа при издавањето на пасошите, конкретно решение што се применува во компјутерскиот систем на МВР. А дали за него се изјасни стручната јавност? Дали беа консултирани граѓаните на кои се однесува тој нов систем? Дали, на пример, свое мислење дадоа нашите граѓани со презимиња какви што се: Чучков, Чашуле, Жерновски... Што се однесува до мене, јас повеќе сакав во странство да останам Zasov отколку Zashov.
Поприфатливо ми беше да испуштам еден знак над {, отколку истата таа буква да ја заменам со sh. Барем полесно ќе ми биде кога во Франција и во франкофонските земји ќе кажувам како се пишува моето презиме. Во францускиот јазик буквата ш се пренесува со буквите ch, а не со sh. Среќа што Французите не ја читаат буквата h и сега моето презиме ќе го изговараат Засов. Претходно го изговараа Зазов. Ова покажува колку и да се трудиме на странците од латинското јазично подрачје да им се доближиме, пренесувајќи ги нашите презимиња со нивната латиница, тие сепак ќе ве прашуваат како се пишува или како се чита вашето презиме.
Благој Зашов (Авторот е амбасадор) |