„Баклава“ го промовира „Калемар“

Во мезе-барот „Сопотско“ во Скопје, пред голем број пријатели и поддржувачи од домашната уметничка сцена, групата „Баклава“ вчера го промовира вториот албум „Калемар“, објавен под етикетата на Скопскиот џез-фестивал. Дискот, снимен и миксуван во студиото „Кларион“ на Дејан Ангелевски, содржи 14 композиции. Единаесет од нив се авторски, а три се традиционални македонски нумери.
- Името на албумот е инспирирано од истоимената песна на поетот Ило Гајтаноски и во еден здив го опфаќа звукот на албумот. Нашите песни ги калемевме на се' што создававме или репродуциравме од македонската традиционална музика. Меѓутоа, целта не ни беше да создадеме нова народна музика, туку да твориме како бенд од кој било жанр - велат од „Баклава“.Гости на цедето се Ерхан Шукри, Дејан Теодосиевски, Александар Стаматов и гудачкиот состав „Квартет“. „Баклава“ се надева дека до крајот на годината ќе одржи промотивен концерт во Скопје, како и да има турнеја низ Македонија. Тие планираат и спот за некоја од песните.
Фото: Бисера Станковска |