Став
За демаркацијата со Косово
Со демаркацијата на границата со Косово, особено по противењето на Русија и Србија во Советот за безбедност, Македонија, се стави во жежок костен, кој во моментов не и' беше потребен. Околу косовското прашање Македонија е навистина во комплексна ситуација бидејќи од една страна сака да го задоволи домашниот притисок од албанскиот блок за брзо признавање на Косово, а од друга страна да ги задржи добрите односи со Србија. За жал, поради поставеноста на работите, остварување на двете цели истовремено е mission impossible. Во време кое е турбулентно и неизвесно политички и меѓународно за Македонија, демаркацијата е избрзана работа. Ја разбирам и паниката на нашата страна, која сака час поскоро да си го обележи физички својот дел и со тоа да си ја обезбеди својата територија. Кое од овие две преовладува е тешко да се каже. Но мора да се подвлече дека ваков сериозен чекор требаше да почне по сеопфатно анализирање на условите кај нас, во соседството, но и меѓународно бидејќи може да се рефлектира на повеќе нивоа, а не да биде водено од паничен набој. Ме мачи прашањето дали тоа е навистина мотивот на македонската страна или нешто друго е во прашање. Нашата страна со почнување на демаркацијата сигнализира, односно го признава Косово како посебна држава и формално-правно. Ова не го прави преку јавно признавање, туку премолчено бидејќи оцртува граници со претставници оттаму што значи и ја признава таа одредена држава и физички ги обележува границите со неа. Овој заклучок може да се извлече од условите што согласно со меѓународното право се потребни за државотворност. Тоа се: постојана популација, дефинирана територија, влада и капацитет да се влегува во односи со други земји. Прво за критериумот за дефинирана територија. Демаркацијата на границата сама по себе не значи дека условот за дефинирана територија не е исполнет бидејќи тоа претставува само физичко оцртување на граници, при што територијата е веќе дефинирана и утврдена. Додека делимитацијата се однесува на дефинирање и утврдување на спорни делови на територија помеѓу две држави. Значи овој критериум од конвенцијата Монтевидео од 1933 година е исполнет. Важно е да се разгледа повикувањето на македонската страна кон планот на Марти Ахтисари како основа за демаркација. Првиот аспект се однесува на неговата судбина во ООН и Советот за безбедност. Овој план заглави во ООН, односно не беше изгласан и одобрен поради несогласувањето на Русија. Со тоа формално-правно ООН како меѓународна организација не даде зелено светло за независност на Косово и планот во склоп на ООН е ирелевантен. Вториот момент е во контекст на Декларацијата за независност на Косово. Во неа експлицитно се повикува на овој план и почитувањето на неговата содржина и препораки со тоа што основата за демаркација може да се бара само на оваа адреса. Оттука е јасно дека македонската страна ја прифаќа Декларацијата за независност на Косово како валидна со што го признава Косово како држава, иако тоа не е експлицитно. Јавното признавање од друга држава не претставува услов за одредена држава да функционира како таква. Генерално, прашање е дали навистина Косово може да се смета за држава со полн капацитет, односно со полн правен персоналитет? Од легална гледна точка Косово паѓа на последниот критериум од конвенцијата Монтевидео, односно капацитетот да влегува во односи со други земји. Овој услов се толкува како постоење капацитет да се влегува во билатерални и во мултилатерални односи. Првиот дел горе-долу е задоволен, а како пример може да се земе и односот со Македонија. Но во денешни услови интеракцијата на државите во голем дел се случува на мултилатерално ниво. Поради несогласувањето на одредени членки на ООН, НАТО и ЕУ истовремено ја повлекува неможноста на Косово да членува во овие меѓународни и регионални организации. Оттука Косово нема капацитет за влегување во односи со други земји на мултилатерално ниво и има ограничен правен персоналитет како држава.
Јана Лозановска |