МАКЕДОНСКИОТ СИНДРОМ ВО СТРУШКО ПРОДОЛЖУВА И ВО 21 ВЕК
Се плашат да кажат дека се Македонци
До 1990 година бевме отфрлени од државата, а потоа партиите не' претворија во бројки за да им служиме во нивните калкулации, вели Арслан Мустафоски од струшкото село Лабуниште, кое има околу 8.000 жители
Лабуништанецот Арслан Мустафоски со гордост вели дека е Македонец, а не Албанец или Турчин, како што бил принуден да се декларира во минатото. Тој ја турка 84-та година од животот и му благодари на Бог што му дал долг век да дочека да им пренесе на внуците во струшко Лабуниште дека неговите предци му припаѓале на македонскиот народ.
- До 1990 година живеевме во затворен круг. Бевме отфрлени од државата. По воведувањето на повеќепартискиот систем, партиите не' претворија во бројки за да им служиме во политички калкулации за постигнување на нивните цели. Не е тешко да се манипулира со чувствата на овдешните луѓе, затоа што живеат во сиромаштија - вели Мустафоски.
Малкумина од жителите на Лабуниште имаат храброст јавно да се изјаснат дека се Македонци бидејќи, велат, се' уште постои стравот од минатото - дека тоа може негативно да им се одрази во животот.
Неад Нуроски признава дека припаѓа на народ што по обичаите и традициите е најблиску до македонскиот, а со Албанците и со Турците заедничка им е муслиманската вероисповед.
- За постоењето на манипулацијата со националните чувства на овдешното население говори и менувањето на националната структура на жителите во изминатите 15 години. Според статистичките податоци, во почетокот на 90-тите години голем дел од населението се изјаснувале за Турци, а во последните 10 години најголем дел се изјаснуваат за Албанци. Овие податоци не ја одразуваат реалната слика. Ние имаме посебни културни вредности, обичаи и традиции. Сепак, се' уште немаме постигнато консензус за националната припадност - вели Нуроски.
Тој вели дека во борбата да освојат што повеќе гласови на изборите, партиите ги третирале како Албанци, Турци, Македонци, но кога требало да добијат некаква полза од освојувањето на власта, сите заборавале на нив.
Формирањето на Партијата за европска иднина (ПЕИ) ги охрабрува овдешните жители да се изборат за вистината. Тие се гордеат што првпат на последните парламентарни избори нивните гласови отишле на вистинската адреса и сега имаат свој човек во Собранието - пратеникот Фиат Цаноски.
Муарем Зенделоски вели дека да се формирала партијата порано, ќе се попречела манипулацијата на населението од албанските и турските партии.
- Ние сме Македонци, тоа е многу јасно, и историјата го кажува тоа. Нашите предци биле Македонци, затоа не може ние да бидеме нешто друго. Вероисповедта треба да си остане приватна работа, а не според неа да се одредува националноста. Неразбирливо е зошто државата не не' признава, тоа е жално - вели Муарем Зенделоски.
Неговиот соселанец Есад Османоски за себе вели дека е Албанец, но негов мајчин јазик е македонскиот.
- Комунистичкиот режим во СФРЈ не дозволуваше да го изучуваме албанскиот јазик. Правилното презиме треба да ми биде Османи. Комунистичката власт ни ја накалеми додавката „ски“ на презимињата. Многу е долга процедурата за промена, затоа се' уште го имам задржано старото презиме - изјави Османоски.
Во Основното училиште „Маршал Тито“ се школуваат околу 1.200 ученици на македонски јазик. Паралелки на албански јазик има неколку.
Укинувањето на општината и припојувањето кон Струга, мнозинството од жителите на Лабуниште го доживуваат како политичка казна од државата.
Раиф Абазоски вели дека откако ПЕИ победила во селото на парламентарните избори, се заостриле односите со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.
- Мерко не се интересира за селото, нема ништо направено откако е градоначалник. Формиравме месна заедница за да иницираме решавање на проблемите, но тој не го признава раководството и не прифаќа никаква соработка. Селото има над осум илјади жители, а нема спортска сала. Имаме само една амбуланта, која работи во две смени, иако има потреба да функционира брза помош 24 часа. Тоа се дел од многубројните проблеми. Затоа бараме од централната власт да ни го врати статусот на општина бидејќи за тоа ги исполнуваме сите услови - вели Абазоски.
Во селото речиси нема семејство што нема член на печалба во некоја од западноевропските држави. Благодарение на печалбарството, во селото сепак се живее добро.
Нуроски вели дека печалбарството негативно се одразува врз семејствата затоа што децата со месеци остануваат без надзор од родителите, најчесто таткото, што доведува до девијантни појави кај нив.
- Многу мал број од учениците, по завршувањето на основното образование, продолжуваат да се школуваат понатаму. Младите живеат во затворен круг. Нивна единствена забава е седењето во чајџилниците - вели Нуроски.
Македонците-муслимани се дел од македонскиот народ
Професорот на Институтот за историја, Никола Жежов, е категоричен дека Македонците со исламска вероисповед се дел од македонската нација и дека за тоа и науката повеќепати се произнела.
- Државата треба да преземе мерки против разните кампањи што се водат за нивно однародување, а не немо да набљудува, што е еднакво на откажување од овие граѓани - вели Жежов.
Митко Јованов
|