Берлинската ликовна сцена во МСУ

„Импресии: берлинска ликовна сцена“ е насловот на изложбата на дела од германски уметници која вечерва, во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Поставката е авторско видување на кураторот Ролф Кулц Мекензи на берлинската уметничка сцена. Тој селктирал дела од 18 врвни автори. Изложбата ќе ја отвори германската амбасадорка во земјава Улрике Кноц.
Проблематизирајќи го прашањето за глобалното и индивидуалното или поточно оставајќи ни го нам изборот, Мекензи акцентот го ставил врз идентитетот на авторите, кои се ситуираат во сложеноста на логиката на формирањето на уметноста. Тој селектира автори од различно национално потекло, кои токму ја прават берлинската имигрантска уметничка атмосфера.
Меѓу авторите, чии дела ќе бидат изложени, се Волфганг Петрик, Валтер Ленерц, Винифрид Булингер, Урс Јеги, Јован Балов, Хајко Даксл и Ингеборг Филеп. Тројца од 18 автори избрал нашиот уметник Балов, раководител на Прима центар Берлин, кој повеќе години живее во Германија. |