РЕЦЕНЗИЈА: „ЦРВЕНИ БОЦКИ“ ЗБИРКА РАСКАЗИ ОД МАРГО ЛАНАГАН, „ВЕРМИЛИОН“ Книга за мрачни и незгодни теми
Преку раскази, кои во прв момент личат дека се наменети за младите, авторката низ фантастичните приказни предупредува за темните страни на животот

Читањето на книгата „Црвени боцки“ од познатата и наградувана австралиска писателка Марго Ланаган е мала прошетка низ времето, низ личното време, низ обидот да се сетите што сте читале некогаш, што сте сакале да читате и што читате сега. Целната група на оваа авторка, добитник на светската награда за фантастика, се токму учениците, не оние најмладите , туку *ѕоунг адаултс. Ова е книга која секако ќе ги заинтересира и оние кои сакаат да учат низ призмата на фантастиката. Овие два аспекта не се во некоја убава бајковидна форма, туку во функција на мрачноста и мачнината. Марго Ланаган е добар познавач на инструментариумот на фантастиката, па и на научната фантастика. Таа своите приказни ги плете околу типизираните чудовишта, сеништа, низ влезот и излезот од сонот, низ нечија глава, нечија проекција или уште подобро низ нашата проекција за нештата, сфатени според личното или колективното убедување.
Секој од десетте раскази на Ланаган има две можни читања: она што е најавено во насловот, на пример во расказот „Мајмунски оче наш“ кое говори за животот на една глутница мајмуни. Изворот што го користи авторката, а која самата го наведува на крајот од книгата, е документарниот филм за мајмуните хануман лангур од Индија и уште филмот „Воините на мајмунскиот Бог“. Расказот е веродостоен, пластично е прикажан живот на групата мајмуни и една нивна женка. Тоа се очигледните работи, но од друга страна постои и читање што не е линеарно и еднаш засекогаш завршено. Овој расказ може да се чита и како силен приказ и алармирање за мошне горлива тема како што е насилството, семејното насилство, па дури и силувањето. Слично може да се чита и расказот „Малечката Џејни“, во кој авторката си поигрува со наивноста на детската игра и моќта на детската фантазија, па преку очите на едно дете ги дава темите на мајчинството, раѓањето и несаканата малолетничка бременост.
Марго Ланаган пишува за прашања за кои ретко кој ја користи фикцијата како средство за да им се обрати на младите. Таа раскажува приказни за деца со ментален хендикеп, за нивниот светоглед и за тоа како светот гледа на тоа дете. Таа потсетува дека понекогаш на децата им се наметнува да размислуваат за милостивоста на Бога или за тоа дали се грешни што нивните родители не ги крстиле. Кај неа постои и една харипотеровска борба за правдина, кога доброто го победува злото, но сепак крајот не е среќен, фикцијата не е во насока да ги разубави овие прашања или да не' натера да замижеме пред нив. Напротив атмосферата во „Црвени боцки“ е мачна и темна, до крај стратегиски изградена и со поента.Марго Ланаган сака да си игра волшебник, но не онаков што го разубавува светот, туку од оној тип волшебници што своето стапче го користат за да не' натераат да ги сфатиме тежините што ги има нашиот свет, а за тоа навистина понекогаш е потребна магија.
Во време кога сме опсипувани со згрижувачки податоци и извештаи за ризичното однесување на младите, а од друга страна и со згрозувачки факти за нивна злоупотреба во сите форми, книга која отворено зборува за мрачните и незгодни теми е повеќе од добредојдена. Расказите на Марго Ланаган се вистински боцки кои пецкаат, нивниот допир не го заборавате, туку го помните и размислувате за него. За помалку храбрите „Црвени боцки“ е одличен избор за бегство во еден поинаков свет.
Александра Соколовска |