прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
   
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Македонија

СЕМАКЕДОНСКА СРЕДБА ВО ТРНОВО

Груевски ќе бара права за Егејците

Редно е некој да го постави тоа прашање и да отвори дијалог со Грција за проблемите на протераните Македонци, рече мандатарот на новата влада, Никола Груевски

Мандатарот на новата влада Никола Груевски, на Семакедонската средба, која вчера се одржа во потпелистерското село Трново, им вети на протераните Македонци дека ќе отвори дијалог со Грција за нивно репатрирање во Егејска Македонија. Според Груевски, чудно е што во овие 16 години независност постои молк и досега никој од претходните власти не побарал остварување на правата на Егејците да можат слободно да ги посетат родните огништа, да добијат грчко државјанство како Македонци по род и да им се вратат имотите.

- Редно е во оваа држава некој да го постави тоа прашање и да отвори дијалог со Грција за проблемите што ги измачуваат протераните Македонци. Во тоа нема ништо срамно и не значи влошување на односите со јужниот сосед. Нема да забележи ни ЕУ ни Грција ако го отвориме овој проблем, како што со Македонија разговарале други држави за нивни граѓани што имале врска со нашата земја. Тоа е и наше предизборно ветување - рече Груевски.

Почесниот претседател на Заедницата на организациите на етничките Македонци протерани од Грција, Александар Поповски, се пожали дека досегашните власти имале срамен однос кон нивниот горлив проблем.

- Стравотно нешто е една држава цели 60 години да не може да реши едно вакво прашање и да гради добрососедски односи врз трагедијата на Македонците прогонети од родните села. Затоа ова средба ја организираме со порака до Владата да го постави нашето прашање на меѓудржавно ниво со Грција, но и меѓународно преку Организацијата на обединетите нации- рече Поповски.

Дворот на црквата „Света Богородица“ во битолско Трново, каде се одржа 26-та Семакедонска средба беше претесен да собере над две илјади Македонци од сите краишта на светот кои низ солзи се присетуваа на патешествијата што ги доживеаја присилно напуштајќи ги татковите огништа.

- Од Буф, едно од најубавите егејски села, избегавме во 1947 година. Тогаш имав само осум години. Мајка ми ме зеде за рака, а помалата сестра в раце и тргнавме. Во спомен ми остана сликата на спространите алишта на делот за сушење. Мислевме ќе се вратиме за една недела. Во овие 59 години само еднаш успеав да влезам во Грција со австралиски пасош на кого пишува дека сум родена во битолското село Агларци - со плач раскажуваше Лефтерија Тодоровска, која повеќе од три децении живее во Мелбурн, Австралија.

На средбата своите проблеми ги искажаа и претставници на македонското малцинство од Бугарија и од Албанија. Според Иван Гаргавелов, Бугарија и денес шири националистичка пропаганда за претопување на Македонците во Бугари.

- Бугарија се декларира како демократска земја, а тоа не го спроведува на дело. Ако се изјасниме како Македонци и нас и нашите деца ќе не' испуштат од работа. Иако само во Пиринска Македонија живеат 300 илјади Македонци, поради ваквите работи тие се кажуваат како Бугари, а се чувствуваат како Македонци - рече Гаргавелов.

Едмонд Темелко, претседател на Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија посочи дека состојбата и таму не е ништо подобра.

- Не' има околу 250 илјади, а само пет проценти од нас учат на мајчин јазик и тоа до осмо одделение, само во Мала Преспа. На другите места како што се во Големо Брдо и Гора, каде што има чисто етничко македонско население нема ни еден час по македонски јазик. Политиката што ја води Албанија наметнува дури и при пописите да нема графи за да се декларираме како Македонци - рече Темелко.

Жанета Здравковска


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт