прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
   
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Хроника

кражба на интелектуалната сопственост во МакедониЈа (1)

Евтините копии скапо не' чинат

Бизнисот на фалсификати носи милионска заработка, а фалсификаторите, без да потрошат денар за реклама на својот производ, создаваат копија на веќе добро позната марка со цел да го измамат купувачот

„Рекс бул“ наместо „ред бул“, „скони“ наместо „сони“, „евина“ наместо „евиан“, „јупи“, „кокта“, „најк“, „пума“, „дизел“, „тоблероне“, „нокиа“, „филипс“ ... На македонскиот пазар е многу тешко да ги разликувате фалсификатите од оригиналот. Фалсификувани се скоро сите светски познати брендови. На прв поглед, некои од нив изгледаат безмалку исти како оригиналот, а разлика во цената на вистинскиот производ и неговата имитација понекогаш речиси и да нема.

Голем дел од нив се увозни, се внесуваат во државата нелегално, најмногу од Кина, Турција, Бугарија, Србија, Обединети Арапски Емирати... Дел се произведува и во Македонија, а производителите се зачудувачки инвентивни во својата работа. Причината за производство на фалсификати е многу едноставна - лесен профит. Фалсификаторите, без да потрошат денар за реклама, создаваат копија на веќе добро позната марка која е препознатлива за окото на обичниот купувач. Иако голем дел од потрошувачите се измамени од ваквите имитации, општ е впечатокот дека пребирливите купувачи го познаваат фалсификатот, но сепак, го купуваат. Профитот го добива само фалсификаторот, а загубата ја чувствуваат сите - од државата, па се' до обичниот човек.

СИТЕ ЈА ПЛАЌААТ ШТЕТАТА

„Дневник“ спроведе истражување во кое беше анализирана состојбата со кражбата на интелектуална сопственост во Македонија, односно со бизнисот на фалсификати. Главната насока беше истрага на пазарот на трговски марки, но беше опфатена и состојбата со патентите и со пиратскиот софтвер. Дека станува збор за сериозен бизнис покажува грубата проекција на експертите дека државата и фирмите, како во земјава така и во странство, годишно губат околу 800 милиони долари. Главни во борбата против пиратеријата се членките на Координативно тело за интелектуална сопственост (КТЗИС) - МВР, Царинската управа, Пазарниот инспекторат, Управата за јавни приходи, Министерството за култура, Бирото за индустриска сопственост и други пет тела. Заклучокот е дека фалсификуваните производи не им нанесуваат штета само на големите компании или на државата. Секој граѓанин е засегнат од оваа појава бидејќи производите често се штетни за здравјето, несигурни се и немаат гаранција за квалитетот.

- Во фалсификуваните прашоци за перење, на пример, се ставаат евтини и штетни состојки што негативно влијаат, пред се', на здравјето на луѓето, но ги оштетуваат и машините за перење. На крајот, со нив се загадува и животната средина - велат од Координативното тело.Оваа институција пред две години беше специјално формирана за концетрирана и посериозна борба против овој вид криминал, кој зема голем замав во Македонија.

Досега имала десетици успешни акции, за кои тврдат дека се прават без пребирливост. Најчесто се лови нелегален софтвер, претежно на „Мајкрософт“, но се запленува се' и сешто - од енергетски пијалаци, па се' до машини за производство на фалсификувани производи.

- Заштитата на интелектуалната сопственост е една од најважните задачи што една држава треба да ги исполни со цел да се приближи кон ЕУ. Ако брендовите во една земја се заштитени, тогаш и странските инвестиции ќе бидат поголеми. Во светот се водат војни и се воведуваат ембарга поради фалсификување производи и повреда на интелектуалната сопственост - вели Мите Костов, претседател на Координативното тело.

СЕКОЈ ДЕСЕТТИ ЛЕК - ФАЛСИФИКУВАН

Најстрашно за здравјето на луѓето е фалсификувањето на лекови и копирањето на некој светски фармацевтски бренд. Според податоците на Светската здравствена организација, секој десетти лек во светот е фалсификат, а во земјите во развој, каде што е и Македонија, процентот на фалсификат-лекови достигнува и до 50 отсто. Потрошувачите често не бираат каков лек ќе купат, туку најбитна им е цената.За овој проблем во државава наидовме на ѕид од молчење. Сите што ги прашавме потврдуваат оти постојат фалсификувани лекови на македонскиот пазар, но никој не сакаше јавно да зборува за тоа. Нашата репортерска екипа на двата скопски пазари, на најмалку три тезги пронајде лекови со сомнително потекло што се продаваа како да се произведени во познатите фармацевтски компании. Дел се носат од Србија, а дел од Бугарија.

- Продаваме лекови за секаква болка, за глава и за срце, но и за многу сериозни болести. Имаме муштерии, купуваат кога мораат зашто цените се ниски - вели еден продавач, кој од разбирливи причини сакаше да остане анонимен. Само минатата година Царината запленила дури 125.062 парчиња шверцувани лекови. Сите тие се носат на испитување, а потоа најголем дел се уништува. Граничните премини во Македонија се главното место преку кое минуваат фалсификуваните производи, а бројот на запленети фалсификати е огромен.

Анализата на Customs and IPR Report за 2007 година покажува дека Македонија е на десеттото место во Светот по бројот на реализирани царински акции за спречување повреда на правото на интелектуална сопственост. Во 2008 година Царината интервенирала во 173 случаи во кои имало сомнение за увоз и транзит на фалсификувана стока. За споредба, во рекордната 2007 година имало 325 заплени.

- Одреден број официјални застапници на брендовите, воопшто не се заинтересирани да дејствуваат ако станува збор за помали количини стока за која постои сомневање за повреда на правото на интелектуална сопственост. Минатата година околу 200 компании го заштитиле ова свое право и презеле мерки против шверцерите на фалсификати - велат од Царината. Лани, Царинската управа заплени дополнителни 130.560 парчиња козметички препарати, 18 тони прашок за перење, 7.441 парчиња парфеми, тоалетни води и дезодоранси, 16.473 парчиња прибор за мобилни телефони, 51.028 парчиња облека, 61.662 парчиња спортски обувки и опрема, 34.240 парчиња паста за заби, 17.434 парчиња очила за сонце, футроли, чанти, ремени, паричници... Запленети се и околу 7.000 фалсификувани автоделови и уште стотици илјади парчиња друга стока. Царината најчесто ги запленува производите во големи шлепери со сомнителна увозна декларација. Велат дека никогаш не знаат што се' може да најдат меѓу запленетата стока.

КИНЕСКИ „АРИЕЛ“

Најголем број од фалсификатите запленети лани се по потекло од Обединетите Арапски Емирати, Турција, Кина и од Бугарија. Една од поголемите заплени беше 18 тони прашок за перење „ариел“ со кинеско потекло.

- Прашокот беше откриен на граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, во камион со македонски регистарски ознаки управуван од гевгеличанец. Запленети беа вкупно 6.000 пакувања од по три килограми прашок за перење со лого на трговската марка „ариел“. Прашокот за перење беше наменет за фирма - увозник од Прилеп - објаснуваат цариниците. Втора поголема заплена беше онаа со која се спречи транзит на 17.000 парчиња паста за заби „колгејт хербал“, кои патуваа кон Косово.

- Пастата за заби е откриена при извршена детаљна контрола на контејнер на железничката станица во Гевгелија, кој бил пријавен за транзит низ Македонија, на релација Грција-Македонија-Косово. Според декларацијата, товарот вклучувал 1.450 пакети обувки наменети за Косово, но пронајдена е и поголема количина непријавена паста за заби „колгејт“ - објаснуваат во Управата.

Ако Царината се посомнева дека одредена стока е фалсификат или пиратска, се обраќа до носителите или застапниците на трговската марка за утврдување на оригиналноста на стоката. Она, што ќе се потврди дека е фалсификат, не смее да се пушти во слободен промет или да се внесе во царинското подрачје на Македонија, да се врати, извезе или повторно извезе. Фалсификуваната или пиратската стока се уништува под царински надзор во присуство на носителот на правото или неговиот застапник.

(Утре: „Македонски бренд, домашен фалсификат“)


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт