КРИСТОФЕР ДЕЛИСО, АВТОР НА КНИГАТА „СКРИЕНА МАКЕДОНИЈА“
Македонците привлекуваат со уникатниот дух
Кога некој ќе пристигне во Македонија, на прв поглед ќе си помисли дена не се случува ништо поинакво отколку на други места во светот, но нештата тука се случуваат под површината на секојдневјето и тоа е возбудливиот дел од откривањето на оваа земја

Македонија како земја во која под површината на секојдневјето се кријат таинствени обичаи, приказни за езера, планини, манастири, е опишана во книгата „Скриена Македонија“ на Кристофер Делисо, млад американски патописец. Тој денеска во 13 часот на саемот „Книга за секого“ во „Матица македонска“ ќе го потпишува своето дело.
Книгата лани била објавена во Лондон и веќе се продава во САД и во повеќе европски земји. Делисо, во стилот на романескното пишување, во делото ги раскажал своите доживувања од тринеделното патување во регионот на Охридското и Преспанското Езеро. Тој десетина години за светскиот издавач на туристички водичи „Лонли планет“ од Лондон пишува за Балканот и на чист македонски јазик ни раскажа со кои аргументи ги убедил издавачите од Британија да ја објават и дистрибуираат книгата за Македонија низ светот.
* Што ве инспирира да ја напишете книгата „Скриена Македонија“?
- Долго време патувам низ светот, а во последните десетина години сум присутен на Балканот и во Источна Европа. Во Македонија ги сакам езерата и историските места, кои дејствуваат освежувачки врз секој што ќе се најде покрај нив. „Скриена Македонија“ е приказна во 9 поглавја која, додека ја пишував, ме поттикна на еден специфичен начин да ги погледнам нештата што ги доживував додека се движев околу езерата. Се обидов и се надевам дека успеав да создадам дело што ќе го прикаже уникатниот дух на овој регион. Тоа подразбираше да се тргнам од реалноста и обичното секојдневје и да погледнам малку под површината, каде што во ситните детали постојат енергијата и духот што оваа земја ја прават да се разликува од другите. Задоволство ми е на читателите во светот да им покажам дека ова место е посебно интересно и дека треба да се доживее.
Книгата е дел од серијалот патописи што се наменети за луѓе што сакаат низ волшепството на напишаното да отпатуваат во средини во кои никогаш не биле и да ја почувствуваат душата на другите нации.
* Навистина ли ја почувствувавте нашата земја како скриена и тајновита?
- Лично не сметам дека Македонија е скриена или мистериозна, зашто долго време сум овде. Тука има живот кој е ист како и на Запад. Но, во Британија не знаат доволно и сметаат дека Македонија е навистина скриена. Затоа издавачот инсистираше насловот да биде „Скриена Македонија“. На тринеделното патување, секако, многу работи беа новина и за мене и ги дознавав од луѓето со кои се сретнував. Кога разговарате со жителите, тогаш најдобро учите за нив и за земјата во која тие живеат.
* Големите книгоиздателства делата ги објавуваат само ако имаат доволно заработка од нив. Како успеавте да го убедите големиот британски издавач да ја објави книгата?
- Македонија не е толку позната земја и затоа е многу тешко да се најде компанија или издавач што би ја објавил книгата. Издавачите немаат толку трпение и како слободен писател треба да се бориш за да објавиш нешто. Македонија им ја презентирав како интересно место во светот, а најинтересен им се чинеше делот посветен на езерата. Беше вистинска среќа што тие одлучија да и' дадат можност на оваа книга да се појави пред читателите во светот.
* За што најмногу се интересираат читателите од западните земји кога ќе се спомене Македонија?
- Луѓето кои не знаат ништо, веднаш Македонија ја поврзуваат со Александар Велики. Сепак, за многумина млади светски патници оваа земја е интересно место и многумина од нив велат дека би дошле тука. Луѓето едноставно се обидуваат да искусат нешто ново. Освен старите манастири, џамиите, природата, тука постојат и многу мали нешта што можат да бидат интересни за странецот. Тоа се магиските ритуали, изгледот на луѓето, начинот на зборување, славењето на празниците. Сите тие нешта на народот му даваат посебност. Кога некој ќе пристигне во Македонија, на прв поглед ќе си помисли дека не се случува ништо поинакво отколку на други места во светот. Се' е исто, освен што е економскиот развој понизок. Но нештата тука се случуваат под површината. Тоа е возбудливиот дел од откривањето на Македонија.
* Постои ли тајна или формула за најдобро и најбрзо да ги заинтересираме луѓето од странство за нашата земја?
- Прво треба да се направи истражување на пазарот, зашто тоа што го сакаат Германците, на пример, не е интересно за Италијанците. Но, во секој случај мора да имате нешто што е уникатно, специјално и покриено со некаква интересна приказна. На пример, ако се работи за некоја стара куќа, тогаш треба да има и интересна сторија за тоа како била изградена. Ако има некој музеј, треба да се нагласи зошто е тој посебен и поинаков од илјадниците музеи во светот.
Битен е и аголот од кој се претставуваат нештата. Луѓето што живеат тука во своето секојдневје дури и не забележуваат некои појави, обичаи, градби, всушност тие можат да бидат возбудливи и интересни за некој отстрана. Кога на тоа што го имате ќе погледнете низ очи на турист што никогаш не бил тука, тогаш ќе откриете колку интересни појави, настани, предмети, луѓе се движат околу вас. Затоа секогаш треба да се направи еден чекор наназад и да се погледнат работите одново со поинаков пристап. Размислувајте како што би размислувал еден турист.
* Ќе пишувате ли уште за Македонија?
- Селата во источните краишта од земјата уште не се доволно промовирани. Имам многу идеи за ново прикажување на убавините што таму се кријат. Сепак, сега најмногу ќе бидам насочен кон создавање на новото поглавје за Македонија, што во 2009 година во издание на „Лонли планет“ ќе биде објавено во голем туристички водич за Балканот.
Тоше Огњанов
|