Откриени чевли од 2 век

Покрај чевлите и дрвените садови стари 18 века, во гробницата во Конче се пронајдени и садови и други предмети од бронза, стакло и од керамика и еден чифт налани
Два чифта женски кожени чевли од римско време открија археолозите завчера истражувајќи гробница на археолошкиот локалитет Грајнов Дол, оддалечен два-три километри од селото Конче во истоимената општина. Археолозите од штипскиот Завод и музеј и нивните колеги од другите градови, што учествуваат во истражувањето, велат дека гробницата, според првичниот увид, најверојатно потекнува од 2 век. Покрај чевлите и дрвените садови стари 18 века, во гробницата се пронајдени и садови и други предмети од бронза, стакло и од керамика и еден чифт налани. Научниците пронајдоа и тоалетно ковчеже, обвиткано со бронзено синџирче, во кое има три мали шишиња. Археолозите претпоставуваат дека во гробницата била погребана жена, најверојатно тогашна великодостојничка.
- Откриените садови од дрво од овој период се најверојатно први во Македонија, можеби и на Балканот. Дрвото е органски материјал и тешко опстојува подолг период. Ете, имавме среќа. Ретки се и чевлите кои се вонредно убаво изработени, со повеќе декорации и за тоа време со многу високо технологија. Веројатно биле многу модерни и скапи. Колку што знам, од овој период во земјава досега се пронајдени само еден чифт обувки и тоа сандали, при ископувањето на западната некропола на Стоби во 1992 година - изјави раководителот на проектот, Трајче Нацев, археолог од штипскиот Завод и музеј.
Лани во подножјето на истиот локалитет беше откриена вредна ритуална погребна кочија. Годинава археолозите продолжија да го истражуваат наоѓалиштето. Ископувањата почнаа пред еден и пол месец. По ископани повеќе од 900 кубни метри земја, археолозите завчера стигнаа до вредното откритие. Станува збор за специфична катна гробница со ѕидана основа од непечени тули.
- Копавме 45 дена и почнавме да губиме надеж. Сосема на крајот наидовме на овој вистински мал археолошки бисер. Секој археолог би посакал ваков наод барем еднаш во својот живот. Содржината на гробницата ги надмина сите наши очекувања - рече струмичкиот археолог Ване П. Секулов.
Археолозите завчера попладне почнаа да ги вадат вредните предмети од гробницата. Тие се предадени на конзервација. Истражувачите вчера ги вадеа и коските на покојничката, кои ќе бидат однесени на антрополошка анализа. Теренот на археолошкиот локалитет кај Конче деноноќно е обезбедуван.
- Ова е значајно археолошко откритие од 2 век, со многу ексклузивни наоди. Затоа и ние сме многу често присутни овде, уште од ланското ископување на ритуалната кочија. Во соработка со МВР ги презедовме сите безбедносни мерки за заштита на локалитетот - истакна археологот Звонимир Николовски, инспектор за заштита во Управата за заштита на културното наследство.
Љупчо Шатевски |