|
Плагијат на „Ој девојче“ ја бранува Словачка

Песната со која Словачка ќе настапи на претстојната Евровизија во Осло, Horehronie, е плагијат на македонската народна песна „Ој девојче, девојче“, објави словачкиот неделник „Плус 7 дни“. Нумерата, која ја изведува пејачката Кристина Пелакова, била копија на познатата обработка што пред неколку години ја сними групата „Синтезис“ со Тоше Проески.
Кога почнале да добиваат реакции од своите читатели, одговорните од „Плус 7 дни“ решиле да контактираат музички експерти од Одделот за музикологија при Филозофскиот универзитет во Братислава. Шокантниот навод го добиле по еден ден од доцентката Ивета Кајанова која за неделникот изјави:
- Добивме сериозни резултати. Ако одиме на Евровизија со оваа песна, Македонците можат да не' тужат за плагијат. Словачката песна е идентична со основната мелодија и хармониската линија, дури и со бројот на тактови, кои се копија на македонскиот мастер - вели Кајанова.
ИМИТАЦИЈА НА ФЛЕЈТА
Според експертите по музикологија што ги контактираа словачките медиуми, сличноста меѓу двете песни е следново:
- Копиран е и аранжманот, па македонската флејта е заменета со имитација на Кристина на синтизајзерска флејта за да го евоцира звукот на словачката девојка. Трите македонските придружни вокали се заменети со пејачката Кристина, која пее во заднина - вели Кајанова.
Доцентот од Одделот за музикологија при Филозофскиот универзитет во Братислава предупредува дека словачката песна може да заврши на суд.
- Има повеќе од осум идентични такта, така што, судот би можел да пресуди во корист на Македонците - вели таа.
Кога од „Плус 7 дни“ го прашале авторот на песната, Мартин Кавулича, што мисли за сличностите со македонската композиција тој само рекол „Оставете ме“ и го исклучил мобилниот телефон. Сомневањата за плагијат се објавени и на специјализираниот музички портал „Оико тајмс“. Веб-пораталот посочува дека словачката национална телевизија се соочува со вистински проблем со победничката песна. Дали тие ќе бидат принудени да ја дисквалификуваат првопласираната нумера и да ја пратат во Осло второпласираната, Emotions, ќе се знае во следните неколку дена.
ПЕСНА ОД НЕПОЗНАТ АВТОР
„Ој девојче, девојче“ е изворна народна македонска песна од непознат автор што ја испеале и преработиле многу македонски пејачи. Од Здружението за заштита на авторски права (ЗАМП) информираат дека за таа композиција никој не поседува авторски права, освен потписниците на аранжманите што ги правеле во текот на годините. Во овој случај тоа се членовите на групата „Синтезис“ со кои Тоше Проески ја сними последната верзија на „Ој девојче, девојче“.
ЗАМП има надлежност да испитува дали некоја македонска песна е плагирана, но постапката мора да ја пријават самите автори, во случајов тоа се членовите на „Синтезис“, кои се потпишани како аранжери. Во тој случај ЗАМП треба да формира специјална комисија од експерти што ќе ги проверат двете песни. Од групата „Синтезис“ не беа информирани за случајот и изјавија дека веднаш ќе ја прегледаат словачката песна и ќе одлучат дали ќе покренат постапка или дали ќе реагираат.
Милена Атанасова - Манасиева
Основа за тужба
Словачка пред неколку дена го избра својот претставник на Евровизија во Осло. Пејачката Кристина Пелакова со нумерата Horehronie беше прва на изборот, но веднаш потоа дел од словачките медиуми објавија дека постои сомневање оти се работи за плагијат на „Ој девојче, девојче“, македонската народна песна што последни ја обработија „Синтезис“ и Тоше. Ивета Кајанова, музиколог од Братислава, за неделникот „Плус 7 дни“ изјави дека постои основа за тужба за плагијат.
|
# |
|
|