Датум:
30.07.2007, 18:14 Бранителите формираа унија
Унија на бранители на Македонија, која опфаќа 11 здруженија на бранителите од кои пет се основачи: „Карпалак“ од Прилеп, „Тиквешијата“ од Кавадарци, „Достоинство“ и „Бранители на Македонија“ од Скопје и здружението „Бранител“ од Битола е формирана во Прилеп, јави МИА.
- Решавање на проблемите на бранителите и на нивните семејства, доследно спроведување на Законот за посебните права на бранителите и окончување на судските процеси против државата за барање отштета се приоритетните цели на оваа асоцијација - рече Ацо Стојаноски, претседател на Унијата.
Тој истакна дека тие не се задоволни од судовите кои делумно ги прифатија тужбите и досудија во нивна корист, по што стигнаа одлуки на Врховниот суд, со кои се бара бранителите да ги вратат парите. МВР, додаде Стојаноски, веќе ги бара парите од 15 припадници по одлука на Врховниот суд, вели Стојаноски.
- Шест години по воениот конфликт во 2001 има одредени донации од невладини организации, но државата воопшто не покажала интерес за спроведување програма за ресоцијализација и вработување на резервистите и доброволците. Недостигаат проекти од државата за рехабилитација на сите што ги имаат траумите по конфликтот - оценува претседателот на Унијата.
Во Унијата се опфатени 11.000 бранители. # |