Легенди ги водат верниците до домот на Богородица
Според христијанските веру-вања, Марија била доведена во Ефес од апостолот Јован, по воскреснувањето на Исус, и таму ги проживеала последните денови од животот. Оваа теорија се заснова, пред се', на традиционалното верување дека Јован дошол во Ефес, комбинирано со библиските тврдења дека Исус му наложил на Јован да се грижи за мајка му

Малата камена куќа во паркот на природата меѓу Ефес и Селџук, во југозападниот агол на Турција, во која, се верува, дека Богородица ги поминала последните години од својот живот, секоја година ја посетуваат милиони верници и христијани и муслимани за да и' оддадат почит на Мајката Божја. Според христијанските верувања, Марија била доведена во Ефес од апостолот Јован по воскреснувањето на Исус и таму ги проживеала последните денови од животот. Оваа теорија се заснова, пред се', на традиционалното верување дека Јован дошол во Ефес, комбинирано со библиските тврдења дека Исус му наложил на Јован да се грижи за мајка му, се вели во написот на Ројтерс. Археолозите што го истражувале местото во Мерјема, посочено како куќата на Богородица, веруваат дека поголемиот дел од градбата датира од 6. или 7. век. Но, нејзините темели се многу постари и можно е да датираат од 1. век, односно од времето кога живеела Богородица. Локацијата со векови е место за аџилак за локалните православни христијани. Но, доказите за ова верување не се доволно цврсти.
Всушност, единствениот цврст аргумент доаѓа од германска калуѓерка од 19 век, чии записи биле основа за најспорните сцени во контроверзниот филм „Страдание“ на Мел Гибсон од 2004 година. Куќата во Мерјема била „откриена“ од калуѓерката Ана Катерина Емерих во 1812 година, која никогаш не отпатувала подалеку од својот дом. Сестра Емерих, која била неподвижен инвалид, еден ден се разбудила во транс со стигмата и со визии во кои се појавиле Богородица и апостол Јован, кои патувале од Ерусалим до Ефес. Таа детаљно ја опишала куќата на Богородица, а приказната била запишана од некој Брентано. Емерих опишала четириаголна камена куќа, која Јован ја изградил за Богородица, во која имало огниште, апсида и заоблен заден ѕид. Собата до апсидата била спалната на Богородица и во неа имало извор. Таа кажала дека Богородица починала на 64 години и дека била погребана во пештера близу до нејзината куќа. Камената куќа подоцна била претворена во црквичка.
Години по визиите на Емерих, францускиот свештеник Гује ги прочитал записите на Брентано и отпатувал во Ефес за да ја најде куќата на Богородица. Тој открил куќа што наликувала на описите на Емерих и за тоа ги известил бискупите во Париз и во Рим, но не добил одговор од нив. На 27 јуни 1891 година, двајца лазаристички свештеници и двајца претставници на Католичката црква отишле во Ефес да ја видат куќата. Тие откриле мала руинирана црквичка со оштетена статуа на Богородица, а подоцна се вратиле во Измир со приказни за виденото, по што во Ефес се упатиле повеќе свештеници и експерти. Од 1896 година куќата на Богородица и официјално е место за аџилак за католиците. Таа била реставрирана во 1897 година и биле изградени конаци за посетителите, а подоцна била посетена од папите Павле Шести, Јован Павле Втори и Бенедикт, кои ја потврдиле нејзината соодветност за светилиште, а Бенедикт таму одржал миса на 29 ноември 2006 година.
И покрај централната улога на Богородица во христијанството, не постојат веродостојни записи за нејзиниот живот, откако била спомената на почетокот во Делата на апостолите по смртта на Исус.
Првото споменување за нејзиното можно присуство во Ефес, кој бил голем град во времето на Римската Империја, во кој свети Павле проповедал и ги запишал своите апостолски писма, е на тамошниот екуменски совет во 431 година на кој било кажано дека Јован ја одвел таму по смртта и воскресението на Богочовекот Исус Христос. Врската изгледа веројатна бидејќи Исус му ја доверил Богородица на Јован додека бил распнат на крстот, а историчарите знаат дека Јован потоа заминал во Ефес за да избега од прогонот во Ерусалим.
Но, другите традиционални верувања од времето на раната црква велат дека Богородица починала во Светата земја. Античките записи го лоцираат нејзиниот гроб во Ерусалим, каде што во Гетсеманската градина, на Сион и на Оливет изградени се цркви за да се обележи нејзиниот вечен дом. Догмата дека Богородица била телесно воздигната во небесата по нејзината смрт, дополнително го отежнува лоцирањето на нејзиниот гроб.
|