Едиторијал
ЕУ како дуња од ормарот

Тајмингот, многу често, е побитен од суштината. Така е и со стиховите на поп-песните. Нивната приемчивост и неодреденост е приспособлива. Тие толку лесно може да се стават во контекст на вистински настани што одеднаш и Здравко Чолиќ го претвора во општествено ангажиран автор. Можеби затоа, неофицијално е најавено дека на 18 декември тој ќе пее на скопскиот плоштад во чест на кревањето на шенгенската завеса. Нумера за отворање на концертот дефинитивно треба да биде „Е, драга, драга“, чии стихови не' потсетуваат дека „мириса на зима“. Снегови кај нас се' уште нема, но костени се печат. Чолиќ, пак, заклучува: „Е, драга, драга, да има среќа, ќе беше со мене, ама не ти се сака“. Зар е можно со тоа да мисли на несудената романса меѓу Македонија и Европската Унија?
А како поинаку да се лекуваат рани од болното раскинување ако не со масовно лумпување. „Старата дама“ одбива да не' прегрне, а ние го каниме Чолиќ да не' забавува до заборав. Зашто, нели, неговите песни се знаменосци на ЕУ-идеите, на интеграциското гледање напред со широко отворен ум.
Очигледно, некој намерно ги помешал лончињата. Српскиот поп-пејач несомнено е најголемата балканска ѕвезда и обожаван шоумен, ама само тоа, но не и симбол за Европа. Носталгијата за старите, минати и побезгрижни времиња, е чувството што овој пејач го буди кај луѓето, а поради кое и денес е толку популарен.
Утеха за љубовното заладување меѓу Македонија и ЕУ од изведбата нема да добиеме. Додека Чолиќ ќе ја пее „Пушти ја модата“, нашиот гнев кон онаа, европската, ќе доживее катарза. Логично, зашто тивко ни се продава идејата дека „старата дама“ ни личи по малку „како дуња од ормарот“, а и „мириса без врска и ноќе и дење“. По сите „виклери, чешлиња, помади и парфеми“, сите на плоштадот ќе се тапкаме по рамо со стихот „многу е глупаво да се биде вљубен во дама“.
Ние, пак, во оваа ситуација воопшто не се однесуваме како џентлмени. Никој, буквално, не сака да одговори кој ќе ги плати дебелите хонорари за Здравко Чолиќ и за британскиот диџеј Фетбој Слим, кој е планиран како втора виолина на нашата прослава, од едноставна причина - ѕвезда е во светот, а на Балканот е само познат странец. Се споменуваат суми од 50.000 евра за првиот и 100.000 за вториот, но како и сите љубовници по раскинот, одговорните од земјава се нервозни и нејасни за тоа кој стои зад забавата, чии вкупни трошоци (бина, светло, озвучување) ќе стигнат до 300.000 евра.
Српскиот весник „Блиц“ тврди дека македонскиот премиер лично го поканил Здравко Чолиќ на концерт во Скопје. Без разлика дали ова е вистина или не, погрешно е на прославата за укинувањето на шенген-визите да и се дава носталгичен призвук. Уште попогрешно е во овие кризни времиња да се фрлаат толку пари за прослава, бидејќи сметката на крајот ја плаќаме сите.
Ако навистина се одвоени 300.000 евра, сума што никој официјално не ја потврдува, мора да се размисли дали ни е потребна толку скапа „безвизна журка“. Со петпати помалку од тие пари може да се направи скромно, но навистина осмислено одбележување на тој чин. Патем, организирањето таков спектакл за замајување на граѓаните е срамно, ако се знае дека до вчера немаше пари за средства за дезинфекција во училиштата, ако се знае во колку неевропски услови учат децата, колку ни се оштетени улиците, колку луѓе штрајкуваат со глад или колку респираторни апарати недостигаат во болниците...
Додека се однесуваме како вистински провинцијалци, Здравко Чолиќ ќе се однесува како вистински професионалец што ќе свири на кое било место каде што ќе го повикаат и се подготвени да му платат. Властите во земјава, пак, мора да бидат исто толку студено ефикасни кога во свои раце ја имаат иднината на обичните граѓани. Тие веројатно ќе се пронајдат во стиховите на Чолиќ, кој од „сјајните ѕвезди-водолии“ бара „дозвола да се случат магии“. Но, тоа нема да им помогне да си одговорат на прашањето што Чолиќ во истата песна им го поставува - „да се биде или не?“. Александар Саздовски |