прва страна инфо прилози импресум маркетинг контакт  
   
 
 
Во фокусот
Актуелно
Регион
Економија
Отворена
Свет
Хроника
Метропола
Култура
Сцена
Спорт
Омнибус
АРХИВА
ПРЕТХОДНИ СОДРЖИНИ
Насловна























Почна обидот за мир на Блискиот исток
Како се опушташе премиерот Блер
Инвестициите на македонската дијаспора
Равенка за голот на Роберто Карлос
Непознати владини служби
Пребарување
dnevnik.com.mk
  
Барај со НАЈДИ!
  
Барај со НАБУ
  


 
Отворена

КОЛУМНА

Афроазиска Империја Македонија

Како ќе му се спротивставиме на гнилиот европски империјализам ако не со Афроазиска Империја Македонија! Целокупна Македонија не е само Пиринска, Егејска и Вардарска, туку Северноафриканска и Азиска Македонија. Следните конгреси нема да ги правиме во Солун, туку во Вавилон и во Александрија. Македоноиди од сите земји - обединете се

(Монодрама, во изведба на поранешен аматер-статист, сега главен политички актер)

Добар ден ВМРО, добро утро Македонијо! Џабе ни се закануваат со ЕУ и со НАТО. Џабе ни се закануваат со ДУИ и со рушење на власт. Не постои закана која може да не' натера да ги смениме името и идентитетот. Македонија е вечна! Македонско име нема да загине!

Гледаме како призракот на македонизмот пак ја опседнува Европа. Сите европски сили сакаат да го изгонат. Сите го поддржаа нашиот јужен сосед во културниот геноцид против древното македонско име и македонскиот идентитет. Но, нема да подлегнеме на никакви притисоци. Нема да има компромис ако меѓународната заедница не најде храброст сериозно да и' укаже на Грција за неразумната политика.

Во овие турбулентни години се покажавме како силен екипаж на брод зафатен од повеќе бури. Покажавме дека Македонија ја има силата, како што докажа и Ѓоко во Осло. Но, и нам, како и на Ѓоко, ни се случи историска неправда. Нема да има компромис ако не ни се извинат за нанесената неправда и за понижувачкиот третман кон „македонишот“ на F.Y.R. Macedonia.

Забележувам, разноразни аналитичари, публицисти, колумнисти, по некои новинари, политичари, македонски граѓани, и по некој странец секојдневно фрлаат нови стрели со влевање страв и закани. Го манипулираат и лажат нашиот каков-таков народ. Скраја да е, не мислам тука на мојата верна и добро платена ергела која сведочи за успесите на преродбата. Која ги оцрнува сите неверници во „Црн и бел бумбар“, во „Отворено со народот“, кај бурекчијата или кај мојот омилен авантурист - будниот откривач на македонски пирамиди, летачки чинии и странски платеници.

Многупати знам да повторам дека Македонија нема ниту извори на нафта ниту илјадници километри песочни морски плажи. Нашата шанса е во перењето на умовите на нашата младина. Токму затоа, ние таму го насочуваме нашиот буџет, затоа што инвестиции во рајот уште нема. Ова наша стратегија е долгорочна, и сакаме за 10,15, 20 години да видиме многу помоќна држава, а моќта на една држава е толкава колку што им е испран мозокот на сите нејзини граѓани заедно.

Замислете народе, ми кажаа дека во некојси весник, некојси новинари ги споредувале моите говори со тие на Милошевиќ. Слушнав, на некоја си телевизија предвидувале дека како Тито ќе сум го кажел историското НЕ, сега на ЕУ и на НАТО. Се фатиле како слепи за стап за Тито и за Милошевиќ, а не гледаат дека моите говори се како говорите на Александар пред македонската фаланга. Тоа дури и на транзициските политичари им е јасно, оние што клеветат дека Александар се превртува во гробот кога гледа како се идентификувам со него. А во кој гроб се превртува, немаат поим. Немаат поим зашто не веруваат во пророштвата на нашиот шаман Паско, кој предвиде што ќе се случи ако сега се открие гробот на Александар на наша територија: „Ќе бидеме окупирани најбрзо, или ќе бидеме веднаш примени во Европа, или ќе фати трета светска војна.“

Никако да сфатат разноразните аналитичари, публицисти, колумнисти, понекои новинари, политичари, македонски граѓани и понекој странец. Овој народ, каков-таков, е господар на овој простор и тој одлучува за своето име и за својот идентитет. Само народот на референдум може да донесе одлука за да си го промени вековниот идентитет. Се разбира, онака како што јас ќе го формулирам референдумското прашање.

А не беше лесно во овој период да се биде на одговорни функции. На оваа власт и' се случија сите можни надворешни и внатрешни шокови. Ни се случи пак Букурешт, кој го претворивме во изборна победа. Ни се случија „касапаана“ избори што ги прикажавме како 99.102 отсто фер и коректни. Преживеавме разурнувачки пожари, поплави, понекој земјотрес, а да не говорам за политичките торпеда. Но, останавме стабилни, и на браникот на татковината. Дома си го браниме уставното име, а во Хаг го браниме привременото име и привремениот идентитет.

Додека ги браниме името и идентитетот, демонот на европеизмот пак ја опседнува Македонија. Мора да го изгониме со темјан и со кандило, ако треба и со клетви до седмо колено. Не можам да разберам зошто нашите граѓани мораа толку долго да чекаат од 5 часот наутро пред европските амбасади. Некои од нив беа до тој степен понижувани што ги тераа да играат оро. Колку време ни требаше да сфатиме дека никој не смее да го понижува македонскиот народ за пасош, освен МВР?

Ете, оној „Талер-малер“ се обидува да ве изманипулира дека не сме сакале во ЕУ. Па, што бараме во ЕУ ако услов за прием е промена на името и на идентитетот и донесување закон за заштита на хомосексуалците? Уште колку блокади треба да ни се случат за да сфатиме дека не не' сакаат само затоа што сме Македонци, потомци на славните Александар и Филип?

Запнале таму некои соросоиди - ЕУ, па ЕУ. Што мајка бараме во империјалистичката ЕУ, која и онака за неколку години ќе се распадне, како што се распаѓа Грција? Александар Македонски никогаш немал интерес да ги потчинува и мултикултивира варварските народи што ја основаа ЕУ. Македонското семе и македонските гени не се расеани во западна Европа, туку во северна Африка, Мала Азија, се' до кај браќата Хунзи во Пакистан. Заден час е да започнеме со надворешнополитичка офанзива по стапките на Александар. Крајно време е сите денешни народи, кои во златната доба биле негови поданици, да станат свесни за супериорноста на своите македонски гени. Како ќе му се спротивставиме на гнилиот европски империјализам ако не со Афроазиска Империја Македонија! Целокупна Македонија не е само Пиринска, Егејска и Вардарска, туку Северноафриканска и Азиска Македонија. Следните конгреси нема да ги правиме во Солун, туку во Вавилон и во Александрија. Македоноиди од сите земји - обединете се!


Да живее нашата партија,
Да живее унијата на млади сили,
Да живее Афроазиската Империја Македонија.


(завесата се спушта со грмотевици и Господ ја објавува вистината за Македоноидите)

Жарко Трајаноски


#


Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
              *Ве молиме впишете ја шифрата и притиснете испрати
ASP CAPTCHA Generator 



Време

  Четврток     Петок
  
  мин-макс   мин-макс
     0/28         3/30

Хороскоп
курсна листа

 EUR      61.50
 AUD     42.50
 USD     46.83
 GBP     73,63


 
 
прва страна   контакт